Нема да учествувам во цехот за повратна карта на Груевски

4302

Има една работа која ми е фасцинантна кај луѓето. Пред да појдам на конкретната тема, дозволете да кажам која е таа работа што мене ми е фасцинантна: нивната индигнација и незадоволство од самата понуда на претседателските кандидати. На почеток веднаш да се разбереме: ако ја бирате таа иста ментална структура – општествена, политичка и културна да ви владее, а зошто тогаш очекувате дека овој пат ќе биде нешто друго од тоа што некои беа претходно? Сите тие луѓе, освен оние најмладите, владееја со Македонија и во деведесеттите. Ако ги извлечеме паралелите, ќе видиме дека тоа се тие луѓе.

Денес, пак, премиер е Зоран Заев, денес кандидати за претседател на државата се Стево Пендаровски и Гордана Силјановска, денес претседател на Собранието е Талат Џафери. Ги мапирам луѓето кои денес конституираат власт. Овие луѓе не се дојдени од „сивата маса“, и тоа се луѓе кои денес, на овој-или-оној начин имаат респектабилни политички кариери. Што сакам да ви кажам? Зоран Заев не е човек, како што не е човек ниту Стево Пендаровски од таа политика на злосторство во деведесеттите, тука веднаш да бидеме на чисто! За транзицијата, односно за преминот од социјалистичко во „плурално“ и „демократско“ општество воопшто не се виновни овие луѓе. Не се виновни ниту за надреалната приватизација, не се виновни ниту за конфликтот во 2001 година, а богами не се виновни ниту за доаѓањето на Груевски на власт.

Од друга страна, да бидеме фер, не е виновен ниту Христијан Мицкоски, односно не е виновна ниту госпоѓата Гордана Силјановска за приватизацијата и конфликтот во 2001 година, но се одговорни за сѐ останато што во оваа земја се случуваше изминатава декада: можеа слободно, никој не им бранеше, да го оспорат Груевски, да го нападнат, да го делегимитираат. Дали овие луѓе тоа го направија? Јок, море! Зошто? Затоа што тие луѓе се таа сорта, во тоа нивно премолчување учествуваа и многу новинари, во премолчувањето на Груевски учествуваа и многу угледни, „независни“ и проевропски професори, академици, програѓански, антинационалистички и не знам кои сѐ не интелектуалци. Учествуваа во тоа за сега истите тие луѓе да се доберат повторно до нова, претседателска позиција низ ликот и „телото“ на Гордана Силјановска.

И сега, ние, демек, повторно се чудиме: од новинари, до активисти, интелектуалци, па се фемкаме и мрштиме, и повторно не ни е јасно за кои кандидати да се одлучиме, односно дали воопшто да излеземе да гласаме, оти, нели, никој не ги задоволува нашите „високи критериуми“.

Па, чекајте, бре, драги луѓе, животот, па ниту животот во оваа земја не е идеален за ние да си замислуваме дека срамните, бесмислени, штеточински, криминални, патогени личности какви што беа првите луѓе во времето на Груевски, за наеднаш, во ваков состав и во ваква формација станат нешто друго? Наеднаш да станат сопствена спротивност? Знаете што, на одговорни и возрасни луѓе такво нешто исклучително ретко им се случува. Тоа се исклучително ретки феномени. Сакам да кажам дека би сакал кога „сите малку би си го намалиле впечатокот“, барем кога е во прашање чудењето како повторно се најдовме таму кајшто се најдовме, и како повторно го преживуваме déjà vu ефектот. Па, го преживуваме истото затоа што многу луѓе како нас ќе направат многу со своето чинење или нечинење за до тоа да дојде. И во таа смисла секој одговорен и „нормален“ граѓанин не смее на следните избори да нема став, односно нормален и одговорен граѓанин не смее да бојкотира на следните претседателски избори со тоа што нема да излезе на гласање.

Да бидам искрен, отсекогаш сум бил скептичен од потребата на нашите интелектуалци, вклучувајќи и многу новинари, да се згрозуваат и морализираат не само за претстојните претседателски избори, туку и да се згрозуваат од состојбите во медиумите и општеството во целина. Општеството е такво затоа што такви сме ние; вакво општество е продукт на нашето знаење и компетенција, нашата снага и визија; вакво општество ние реално и заслужуваме, секоја чест на исклучоците, ама генерално е така.

И сакам да ви кажам нешто друго, а тоа не е врзано за гласањето на претседателските избори: во нереформираното ВМРО-ДПМНЕ на Груевски постоеја луѓе кои беа пребришани со црн фломастер; тоа беа луѓе од Скопје до Гевгелија на кои им беше забрането да зборуваат на телевизиja, на радио станици, во Домови на културата, во библиотеки… Се сеќавате, почитувани? Денес, пак, да се тврди дека таква е и оваа власт на Заев, дека денес Заев се служи со истите трикови на Груевски, ќе ве молам, тоа е темелна лага! Има за многу што да ѝ се замери на владата на Заев, но, да се споредува владеењето на Заев со владеењето на Груевски, не само што е неодговорно туку е и безобразно!

За време на владеењето на Заев, сега, веднаш, тука, сакате да ми кажете дека Мицкоски е забранета личност? Па, ви се молам, не може да се живее од тој човек! Па уште и го прашуваат за мислење, го земаат на координација, го учат како се води дијалог. Нон-стоп е на сите телевизии: опозициони, државни, независни, има огромни и долги интервјуа. Никогаш Христијан Мицкоски не бил забранета личност; никогаш Гордана Силјановска не била забранета личност, ниту биле забранети нивните интелектуалци, барем оние од нивното милје, ниту биле, ниту сега се забрането откако дојде фамозниот „заевизам“ на власт. Ама да не се правиме мутави: ние сите, барем оние кои радикално спротивно мислиме од нив, итекако бевме забранети во времето на Груевски.

На крајот, сакам да ви го кажам и тоа: јас со овие работи приватно можам совршено да живеам; не се жалам, мене ништо приватно не ми фали, затоа што, ете, фала му на Бога, дома сме добри со здравјето, a професионално (или активистички?) пишувам за најтиражниот дневен весник во Македонија затоа што тоа го правам заради „повисока цел“; но, само сакам да кажам дека тоа е предзнак на една патолошка состојба во општеството кое инсистира на „бојкот“ или инсистира на таа будалеста максима од типот „сите тие се исти“. И тоа треба да го имаме во предвид кога зборуваме за состојбата во општеството.

Денес Северна Македонија е проблематично општество, има премногу дубиози и проблеми на многу нивоа, ама денес во Северна Македонија нема страв. И оној што вели спротивно, дебело лаже! И тоа е разликата од некогаш и сега. Немањето страв е елементарен никулец, фундамент на едно демократско општество, се разбира, со сите негови мани, и грозни, и дилетантски, ама сепак, да се тврди дека владата на Заев е иста со владата на оној што не сакам името да му го спомнам, ви велам, тоа е неодговорно и безобразно! А да учествувам во цехот за повратна карта на Груевски, и да се правам мутав дека „сите се исти“, па ниту во лудило!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...