Кукан: Власта да обезбеди услови за фер и демократски избори

171

Во Република Македонија е загрозена правната држава и владеењето на правото и земјатасе соочува со широко распространета појава на корупција што е и нотирано во релевантни извештаи на меѓународни организации, му се пожалил на европратеникот Едвард Кукан, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој со претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова во Брисел се на Собранието на Европската народна партија.

– Политичкиот прогон и злоупотребата на апаратите на државата за пресметка со опозицијата станува основа на политичкото делување на власта. Од друга страна имаме назадување со почитувањето на човековите права и отсуство на волја да се работи на воспоставување на трајни механизми за борба против криминалот. Додека сето ова се случува, имаме целосно назадување на економскиот стандард на граѓаните и широко распространето иселување од земјата што е последицата на штетните политики на Владата – изјави Мицкоски.

Силјановска Давкова ја образложила нејзината заложба за владеење на правото и силна правна држава која ќе мора да ги гарантира човековите права и слободи.

– Претседателот на државата во таа смисла има важни овластувања кои треба да овозможат заштита на граѓаните и правна сигурност. Несомнено тоа е и важен предуслов за напредок кон европските интеграции што е и наша стратешка цел –  посочи Силјановска.

Соговорниците истакнале дека мошне важен услов кој ќе покаже колку државата е сериозна во намерите кон исполнување на стратешките цели е и начинот на кој ќе помине изборниот период, каде суштински значајно е власта да обезбеди услови за фер и демократско изјаснување на граѓаните. Беа посочени и примери кои покажуваат дека Власта го загрозува демократскиот предизборен амбиент.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...