Прилеп е најеколошка општина

122

Општината Прилеп е првонаградена на конкурсот за најеколошка општина на ниво на Македонија за 2018 година што го објави компанијата „Пакомак“.

На денешниот настан во Стопанската комора на Македонија им беа врачени наградите на четирите општини кои се меѓу наградените.

На градоначланикот на Прилеп Илија Јованоски му беше врачена првата награда,  втората награда му припадна на градоначалникот Митко Јанчев и општината Кавадарци, додека третата награда рамноправно ја поделија општините Центар и Карпош и нивните градоначалници Саша Богдановиќ и Стефан Богоев.

На првонаградениот градоначалник и општина компанијата „Пакомак“ ќе им додели модерно детско игралиште направено од еколошки материјали. Игралиштето ќе биде поставено на локација во општината што ќе биде договорена во соработка со општинските власти. Покрај тоа, најеколошкиот градоначалник ќе добие можност своите проекти да ги образложи во интервју за еколошкиот весник „Зелен предвесник“, информираат од „Пакомак“.

Избороt за најеколошка општина е направен врз различни критериуми и резултати од нивната работа во текот на 2018 година: количина на собран и селектиран амбалажен отпад, амбалажно стакло, одвоените средства од општинскиот буџет предвидени за екологија, реализирани еколошки проекти како и проекти поврзани со еко-фасади, соларни панели и слично, зголемен број на зелени површини, еколошки акции грижа за урбана опрема, спроведување на условите за големите загадувачи и други значајни мерки кои битно влијаат врз сеопштата еколошка слика на секоја од општините.

– Ова ни е прва година како се одлучивме да го одржиме овој натпревар, а е со цел да ја подигнеме свеста на општинско ниво за важноста на еколошкиот сегмент во нивното работење. Среќни сме што како за почеток наидовме на голем интерес кај општинските татковци и се надеваме на одлична соработката со општините и во иднина. Во годините кои следуваат од големо значење ќе биде нашата заедничка работа бидејќи екологијата полека зазема се позначајно место не само во годишните агенди на општините туку и како национална цел на државно ниво. Тука подразбираме зголемување на количините на собран амбалажен отпад, заштита на депониите, почисти и позелени општини, изјави извршниот директор на Пакомак Филип Ивановски на доделувањето на наградата на кое присуствуваа четворицата градоначалници.

Пакомак е непрофитна компанија, која веќе 9 години работи во интерес на екологијата, заштита на животната средина и подигнување на свеста за важноста за селектирање на амбалажниот отпад.

За време на конкурсот право на учество имаа сите општини во земјава урбани и рурални а вкупно се пријавија седум општини.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...