Министрите на Заев по ресторани оставиле 115.000 евра, а за мобилни потрошиле 12.000 евра

2312

Точно 18.048.080 денари (околу 293.000 евра) потрошиле функционерите во Владата во периодот од јуни-ноември 2018 година, покажува новиот шестмесечен извештај.

Владината прес-служба направила и споредба со трошоците на владата на Никола Груевски во истиот период за 2015 година, кога биле направени повеќе од двојно повеќе трошоци 41.405.076 денари (околу 673.000 евра).

Од Владата прават споредба и на трошоците за угостителски услоги.

„Вкупните угостителски услуги во земјата и во странство на министрите, замениците министри и државните секретари во 2018 изнесуваат 7.066.165 денари (околу 115.000 евра), и се за 2,7 пати пониски во однос на споредбениот период од 2015 кога биле 19.132.121 денари (311.000 евра). Овие сериозно намалени трошоци се резултат на скратените непродуктивни плаќања, и тоа во период на интензивни посети на странски делегации на државата кога секој ден, а во некои наврати и повеќе пати на ден, високи владини делегации ја посетуваа земјата како гости на Владата на РСМ“, потенцираат од Илинденска бр.2.

Се издвојуваат и трошоците за мобилен телефон кои на актуелниот владин состав изнесуваат 772.286 денари (околу 12.500 евра), додека во 2015 година, сметките за истиот интервал изнесувале 2.602.543 денари (околу 42.000 евра).

„Уште повидлива е разликата и во висината на трошоците за авионски карти. Ако во 2015 година, Владата предводена од Никола Груевски потрошила 11.804.083 денари (околу 192.000 евра), кога земјата беше во длабока политичка изолација, во 2018 година се потрошени три пати помалку, односно 4.815.198 денари (околу 78.000 евра), во период на најинтензивни преговори за напредок на нашите евро-атлантски интеграции“, велат од Владата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...