По инцидентот во Шутка со ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, директорот на Управата за извршување на санкции (УИС), Јовица Стојановиќ, претходниот петок испратил инспекција во затворот
Директорот на Шутка, Ѓоко Костевски, како што информираа од УИС, на командирите и замениците во затворската полиција им дал дополнителни задолженија како да постапуваат кога ќе дојдат нови осудени или притворени лица кои се ризични, како и да го евидентираат секој настан во притворското одделение.
Бидејќи нема доволно полицајци, оние кои имаат задача да ги спроведуваат притворените до судовите и назад, пак, добиле дополнителни обврски со кои по завршувањето на примарните задачи, треба да им се приклучат на колегите и да ги надгледуваат притворените додека се на шеталиште.
„На сите шеталишта е поставено дополнително рефлекторско осветлување со што е овозможено подолго користење на истите во текот на денот, а поставена е и нова безбедносна мрежа на истите. Истовремено, со продолженото користење на шеталиштата овозможено е движењето на чист воздух на притворените лица да се спроведува на начин што лицата од секоја притворска просторија се сами на шеталиштето, т.е. не се мешаат со притворени лица од други простории“, утврдиле од Управата.
Директорот Котески разговарал со инспекторите, а во врска со инцидентот од февруари со Јанакиески и Ристовски, формирал комисија, а потоа изрекол и дисциплински санкции за дел од вработените во затворската полиција. Против други, сѐ уште се водат дисциплински постапки.