Картон-тезгите заминуваат од Бит Пазар

Сите оние кои после 5 април ќе продолжат да продаваат на улица или на тротоар, како што нагласи портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху, ќе бидат казнети во согласност со Законот од надлежните инспекциски органи.

1148

Тротоарите околу Бит-пазар ќе се ослободат од импровизираните тезги направени од картонски кутии и од камп – масички, а ќе се ослободат и уличките од сите пречки што оневозможуваат нормално одвивање на сообраќајот. Оваа обврска ја преземаат Град Скопје и Општина Чаир со поддршка на еснафот од Старата скопска чаршија и Комората на трговци на Република Македонија.

Со години наназад овој простор беше пренатрупан со улични продавачи поради кои движењето по тротоарите и по уличките во пазарот е тешко за пешаците, а навечер по нивното заминување останува ѓубре, најлонски ќеси и остатоци од картонски амбалажи. Покрај тротоарите се паркира кој како ќе стигне па со тоа се отежнува и движењето на возилата и велосипедистите. Никој до сега не се реши да воведе ред околу најголемиот скопски пазар.  

Акцијата која сега ја преземаат Градот и Општина Чаир се спроведува поради планот за урбанизирање на овој простор. Во иднина, тука треба да има нова такси-станица, а планирано е и да се засадат дрвореди, да се уредат зелените површини и да се постават заштитни столпчиња на тротоарите од двете страни на булеварот. За да може сето тоа да се спроведе, планирано е да се отстранат сите тезги што се незаконски поставени на површините во околината на Бит-пазар и Старата скопска чаршија. Целта е да се вратат купувачите во чаршијата и на пазарот и да се овозможи полесна пристапност до тезгите и до дуќаните.

– Градот Скопје има разбирање дека трговците кои работат на овие нелегално поставени тезги вложуваат многу труд за да заработат за основните средства за живот. Затоа, во соработка со „Скопски пазар“ на овие луѓе им обезбедивме да им бидат понудени на користење тезги во рамките на Бит-пазар под одредени поволни услови. За таа цел, овие лица треба да склучат договор со „Скопски пазар“ А.Д Скопје, но претходно да се јават на телефонскиот број 02/3111 880, најдоцна до 05 април 2018 година – рече портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Сите оние што нема да го сторат тоа и кои ќе продолжат да продаваат на улица или на тротоар, како што нагласи Салиху, ќе бидат казнети во согласност со Законот од надлежните инспекциски органи.

Покрај урбанизирањето на делот кај Бит-пазар, дополнително се планира да се уредат и да се осветлат и пасажите во Старата скопска чаршија. Салиху вели дека никој не треба да биде оштетен, ниту трговците, ниту учесниците во сообраќајот.

– Скопје е град за сите и затоа посветено работиме за доброто на сите наши сограѓани. Сите сме еднакви пред законите и сите заедно ќе ги искористиме предностите на оваа координирана акција на повеќе државни институции и трговски организации. Веруваме дека нашите сограѓани многу брзо ќе ги согледаат придобивките од ваквиот потег и ќе ја поздрават оваа иницијатива за конечно решавање на проблемите со кои повеќе години се соочуваат граѓаните на Скопје на овој потег – истакна портпаролот на Град Скопје.

Освен што ќе се уредува околината, наскоро започнува комплетна реконструкција на Бит пазар. „Скопски пазар“ кон крајот на јануари годинава добил одобрение за градење од Општина Чаир, а неговата правосилност стапи на сила на 21 март.

Проектот ќе се изведува во четири фази, со што ќе се овозможи поставување на 1.000 нови тезги, обновување на водоводот и канализацијата, целосно покривање на пазарот и изведба на нов деловен простор со површина од 600 метри квадратни. Планирана е и изградба на надземен паркинг со капацитет од 230 возила, со што треба да се реши проблемот со паркирање на пазарот, што е актуелен со години наназад.

 

Анета Стојковска

„Слободен печат“

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...