Како што најавија од опозицискиот Сојуз за Србија (СзС) денеска пред зградата на општина Гроцка, во близина на Белград, се одржа протест со цел разрешување од функцијата на претседателот на општината – Драгољуб Симоновиќ од владејачката Српска напредна партија (СНС), за кого е покренато обвинение дека е нарачател на палењето на куќата на новинарот Милан Јовановиќ.
Во пресрет на седницата на општинското собрание, на која е усвоена оставката на претседтелот на општината Драгољуб Симоновиќ, покрај граѓаните приврзаниици на СзС, дојде и група поддржувачи на СНС на Александар Вучиќ, при што започна вербален судир меѓу двата табора.
Претседателот на српската Левица и еден од лидерите на СзС, Борко Стефановиќ изјави дека е „голем срам“ што Српската напредна партија „донесе луѓе од Смедерево“ да го „одбранат“ претседателот на општина Гроцка.
Коментирајќи го истовременото собирање на симпатизери на СНС пред зградата на општина Гроцка, лидерот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ, рече дека ова е „вовед во некаков вид братоубиствена војна“ и потврда дека српскиот претседател Александар Вучиќ „сака конфликтни ситуации“ меѓу граѓаните.
Тој оцени дека Србија ја чекаат „турбулентни времиња“.
– Следниот кого ќе го посетиме е претседателот на општина Брус Милутин Јеличиќ Јутка (обвинет за сексуално вознемирување), па ќе одиме во Коридорите на Србија кај Зоран Бабиќ, потоа во Суботица кај Богдан Лабан, па кај Жељко Митровиќ во ТВ Пинк – и така со ред… се до Вучиќ, додека не поднесе оставка – истакна Обрадовиќ.
За денеска во 16 часот од страна на организаторите на протестите „Еден од пет милини“ најавено е протестна прошетка на студентите, под слоганот „Мислам, ајде уапсиме“.
Со апсењето главно на најмладите демонстранти, главно студенти, па дури и средношколци, режимот уште еднаш покажа дека свесно и намерно извршува репресија.
– Недвосмислено ни е порачано дека итно, поради „иднината на Србија“ треба да се евакуираме од нашата земја – се наведува во соопштението на „1 од 5 милини“.