Екс министерот Мехази не се сеќава што потпишал за „Маѓар Телеком“

244
ФОТО: МИА

Судењето против поранешните генерален и финансиски директори на Македонски Телеком, Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми, познат како „Маѓар Телеком“ продолжува на 27 март, откако на денешното рочиште беше сослушан сведокот Џемали Мехази.

Случајот го води судијката Ленка Давиткова, а застапник на обвинението е Лиле Стефановска од СЈО.

На следното рочиште треба да бидат сослушани сведоците Слободан Богоевски и Борче Давитковски.

Стефановска посочи дека сведокот Џемали Мехази е претходно сослушан за истиот случај и има само некои дополнителни прашања, кои се однесуваат на протоколи за соработка потпишани меѓу македонската влада и Македонски телеком. Мехази е потписник на овие протоколи во својство на министер за транспорт и врски.

– Како што претходно имам изјавено, јас не сум бил дел од влада кога е срочен овој документ, туку само кога сум требал да го потпишам протоколот за соработка во својство на ресорен министер за транспорт и врски. Бидејќи овој документ не го имав на увид кога реков дека не се сеќавам, но сега го видов, тогаш ми беше кажано дека треба да го потпишам бидејќи како Влада сме акционери во тогашниот Македонски Телеком – изјави Мехази.

Прашан дали потписот е негов и дали е тој протоколот што го потпишал, сведокот рече дека поминало многу време и дека не се сеќава на содржината, а потписот треба да е негов.

– Долго време е поминато и колку што се сеќавам од содржината сум го прочитал и треба да е потписот мој, меѓутоа не знам ни кога сум го потпишал, ниту каде е истиот чуван – изјави сведокот.

Обвинителката Стефановска го праша сведокот дали знае дека подоцна врз основа на овој протокол биле исплатени 7,5 милиони евра во 2006 година, како и на пријателите од Тетово Али Ахмети и Муса Џафери.

– За вакви чекори првпат слушам. Никогаш немам слушнато дека постои таков договор, ниту дека е преговарано за такво нешто – рече сведокот.

На прашање од одбраната, дали му е познато дали овие протоколи се реализирани, во смисла дали е исплатена поголема дивиденда за државата и други точки од истиот, сведокот рече дека не може точно да одговори.

– Исплатата најверојатно одела преку Министерството за финансии и таму може точно да се види кој износ е платен – рече сведокот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...