Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и кандидатката за претседателка Гордана Силјаноска Давкова денес и утре ќе престојуваат во Брисел во посета на седиштето на Европската Унија, најавија од партијата.
Тие ќе учествуваат на политичкото Собрание на Европската Народна Партија каде членуваат најголемите сестрински десничарски партии во Европа.
„Се очекува да се остварат и повеќе билатерални средби со официјални лица на Европската Народна Партија и претставници на Европскиот Парламент. Се очекуваат средби со Едвард Кукан кој е и известувач за Македонија во Европскиот Парламент, европратеничката Марија Петир, Манфред Вебер кандидат за претседател на Европската Комисија и актуелен претседавач со групата на Европската Народна Партија во ЕП, со Дејвид Мекалистер потпретседател на Европската Народна Партија и претседавач на комисијата за надворешни работи на ЕП, како и со претседателот на Европската народна партија Жосеф Дол. Се очекуваат и разговори со хрватскиот премиер Пленковиќ, лидерот на најголемата словенечка партија Јанез Јанша како и со повеќе лидери на младинските движења и развојни политики во рамките на Европската Унија“, најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Средбите, велат од партијата, ќе ги искористат за афирмирање на стратешката цел за напредок на европската агенда на државата, пренесување на загриженоста со актуелната политичка состојба во земјава врзана со недостатокот на правда, нарушената правна држава и самоволието на владините механизми, како и економската стагнација на земјава.
Воедно ќе биде искористен престојот за промоција на целите и размислувањата Силјановска како претседателски кандидат.
Со неа и со Мицкоски во Брисел ќе бидат и потпретседателот на партијата Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски.