Нови рочишта за „Маџар телеком“, „Тарифа“ и „Топлик“

69

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржат рочишта за „Маџар телеком“, „Тарифа“ и „Топлик“ на Специјалното јавно обвинителство.

Судењето за „Маџар телеком“ почна во 2011 година, а од неодамна случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство.

Во нашата земја беа поднесени кривични пријави против четворица странски државјани уште пред американските власти да го отворат случајот врз основа на тоа дека во периодот кога се случила корупцијата, „Маџар телеком“ котирал на американската берза.

За злоупотреба на службената положба во нашата земја беа обвинети генералниот директор на Македонски Телеком, Атила Сендреи, финансискиот директор, Ролф Плат, како и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус, кои беа осомничени дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ и Буџетот на Македонија, бидејќи Владата била акционер.

Случајот доби нов тек откако пред американските власти во Њујорк сведочеше поранешниот разузнавач Слободан Богоевски, кој тврдеше дека мито од „Маџар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, тогашниот функционер на ДУИ Муса Џафери и Абдулхалим Касами.

На обвинителната клупа денеска треба да седнат и поранешниот генерален директор на АД ЕЛЕМ  Дејан Бошковски и уште две други лица, кои се обвинети во случајот „Тарифа“. Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи и ново рочиште за случајот „Топлик“, каде првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани.

Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“. Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари, односно за милион и 44.000 евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...