Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во рамки на учеството на 16-та конференција на претседатели на Парламенти на Јадранско-Jонската иницијатива во Будва, Црна Гора, оствари неколку билатерални средби со своите колеги од регионот.
На средбата со потпретседателката на Италијанскиот Сенат Паола Таверна и со потпретседателот на Италијанскиот Претставничкиот дом Еторе Росато било изразено уверување дека Италија ќе продолжи да ги подржува земјите од Западниот Балкан на нивниот пат кон полноправно членство во Европската унија, како и очекувањето дека Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО ќе биде ратификуван во двата дома во Република Италија кон крајот на март и почетокот на април, имајќи предвид дека веќе е започната дебатата по ова прашање.
Во рамките на конференцијата, како што информираат од собраниската прес-служба, Џафери, на средбата со домаќинот, претседателот на Парламентот на Црна Гора Иван Брајовиќ, била изразена надеж дека соработката во регионалната иницијатива ќе биде успешна и дека ќе се идентификуваат проекти од регионален карактер кои треба да ја поддржат интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија.
Во Јадранско-Jонската иницијатива, формирана во 2000 година членуваат: Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Хрватска, Република Грција, Република Италија, Црна Гора, Република Србија и Република Словенија. Република Северна Македонија стана членка во мај 2018 година.
Со конференцијата претседаваше претседателот на Собранието на Црна Гора Иван Брајовиќ, во својство на домаќин и актуелен претседавач со парламентарната димензија на Иницијативата на претседателите на парламентите на земјите членки.
На почетокот на состанокот, како што се наведува во соопштението, било поздравено членството на Република Северна Македонија како нова членка во Јадранско-Jонската иницијатива и биле упатени честитки за постигнување на Договорот со Република Грција за надминување на билатералниот спор.
Во работниот дел на конференцијата, учесниците во две сесии дебатирале за туризмот и културата како заедничка насока, предност и стратешко определување на државите на Јадранско-јонската иницијатива и за парламентарните тела како значаен ресурс за зајакнување на соработката во приоритетните области на државите членки на Иницијативата. Претседателот Џафери се обрати на втората сесија. На крајот на конференцијата, била усвоена и заедничка изјава.