Ученици од ООМУ „Стефан Гајдов“ од Велес отсвиреа најмногу први места на натпреварот во Аранѓеловац

100

Деветгодишната ученичка по пијано Даниела Теова од ООМУ „Стефан Гајдов“ од Велес го освои првото место и беше најдобра од сите учесници во својата категорија на меѓународниот натпревар по пијано за основци што изминатиот викенд се одржа во Аранѓеловац, Србија.

На натпреварот, чиј домаќин беше ООУ „Петар Илиќ“, се натпреваруваа  120 учесници од основните музички училишта од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Хрватска  и Северна Македонија.

Како што информира за МИА, Илија Настовски професор по пијано од ООУ „Стефан Гајдов“ од Велес, високо прво место  на овој меѓународен натпревар по пијано со високи 97 поени во повозрасната категорија  освоил  и нивниот  13-годишен талентиран ученик по пијано, Емануел Сулеманоски .

Првопласирани во своите категории  на пијано се и учениците од ова велешко музичко училиште: Огнен Ристов, Христијан Огњанов, Стефан Ракиџиев, Теодора Соколова, Лука Кочов и Матеј  Зашовски, а  трето место освои нивниот соученик Стефан Панчевски.

– Редовно учествуваме на овој традиционален меѓународен  натпревар во силна конкуренција  и секогаш сме  меѓу најдобрите, а што е заслуга на нас професорите, моја и на колегите по пијано Светлана Ташева и Јованче Банев. Но успехот е резултат пред се’ на големиот и континуиран  труд и напорно вежбање на пијаното на  нашите ученици меѓу кои има и многу талентирани млади пијанисти, потенцира Настовски.

Од ООМУ  „Стефан Гајдов“ од Велес, најавуваат дека веќе прават подготовки за меѓународните натпревари по пијано во Херцег Нови, во Нови Сад и во Бјелина, како и за државниот натпревар по пијано.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...