Зошто, ако може, проблемот да не биде поголем?

Премиере Заев, вам ви се обраќам, за да ве замолам да пристапите кон решавање на проблемот со „државните“ лекови. Како? Не знам како. Ќе си најдете поспособни луѓе да ви кажат како. Дајте остав на команда. „Прераспределете“ ги приоритетите, а не квотите. Смислете нешто трето, четврто... ама брзо!

4787

Откако паметам, „бесплатни“ лекови, оние што се „на товар“ на Фондот за здравство и се купуваат „со партиципација“, никогаш немало доволно. А паметам едно четириесет години!

И секогаш било исто – откако во аптеките ќе се потрошат „квотите“ на лековите што веќе сме ги платиле со придонесот за здравство, истите лекови ни ги нудат да си ги купиме за пари. Најчестото „објаснување“ е дека Македонците пијат енормно многу лекови (непотребно, нели), бидејќи немаат здравствена култура, бидејќи лекарите препишуваат рецепти без контрола итн.

И откако паметам, сите министри и директори на Фондот чарето го бараат или во зголемување на квотите (зависно од чергата, која секогаш е мала), или во „засилена контрола“ врз издавањето на лекарски рецепти, односно со ограничување на потрошувачката.

Сегашните здравствени власти пред почетокот на оваа година го продлабочија проблемот. Фондот за здравство ги прераспредели месечните квоти, па така некои аптеки добија повеќе „државни“ лекови, а некои помалку. Во робинхудовски стил, за да се постигнела некаква „праведност“ (а можеби и некои странични ефекти, за кои ми е срам и да зборувам), им се намалија квотите на големите веледрогерии. Кои ионака, нели, одлично заработувале.

Убава идеичка, да нема еден „ситен“ проблем – големите, во принцип, се големи затоа што повеќе од малите инвестирале во развојот на продажните мрежи, отворале повеќе аптеки на ударни места, продаваат дополнителни производи и нѐ навикнуваат нас, потрошувачите, да купуваме кај нив. Исто како што големите синџири на маркети нѐ навикнуваат да купуваме кај нив, а не во маалските гранапчиња.

И така дојдовме до проблемот што е регистриран и во една анкета на Макфакс – големо мнозинство граѓани сметаат дека во аптеките нема доволно „државни“ лекови или дека ги има само до петти во месецот. Можеби некаде по маалските аптеки и има, но кој да ги бара? И повторно од директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, Плусинфо доби ист одговор како ќе се „решел“ проблемот – со поголеми квотички и со поголема контрола на препишувањето лекови. А за три до четири години, проблемот ќе бил решен комплетно.

Да де, знаеме, кога овие сегашниве можеби нема да бидат на власт. Не си на власт, нема проблем.

Премиере Заев, вам ви се обраќам, за да ве замолам да пристапите кон решавање на проблемот. Како? Не знам како. Ќе си најдете поспособни луѓе да ви кажат како. Дајте остав на команда. „Прераспределете“ ги приоритетите, а не квотите. Смислете нешто трето, четврто… ама брзо!

Знам само едно. Не ви паѓа тоа таквото, рејтингот, од НАТО, туку од вакви „ситници“ кои живот значат. И немате уште три до четири години за да се поправите. Ни пола од тоа немате.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...