Поранешниот градоначалник на Карпош и претседател на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски утрво е уапсен и во текот на денот треба да биде изведен на распит пред судија на претходна постапка.
Судот треба да одлучи какви мерки ќе му определи, а неофицијално обвинителството ќе бара притвор. Спорведувањето на ексградоначалникот на Карпош е по барање на Обвинителството за гонење организиран криминал. Покрај него, во истрагата се опфатени уште неколку лица меѓу кои има и вработени во Општината.
Ова не е прво приведување на Јакимовски, тој беше приведуван и лани летото во истрага на финансиската полиција поради сомненија за злоупотреба на службена должност во времето додека бил градоначалник на Карпош, а му беа определени мерки на претпазливост односно одземање на пасош.
Инаку, тој е осомничен и во истрагата „Хармонија“ на СЈО, заедно со Никола Груевски и Миле Јанакиески за продажба на градежно земјиште на Приватен меѓународен балкански универзитет Скопје.