Трибина: Грција нема проблем само со името, туку и со идентитетот, нацијата, јазикот

1054

Грција нема проблем само со името на нашата земја, туку и со нашиот идентитет, односно нацијата, јазикот, културата и традицијата и затоа треба да се прекинат преговорите, е главната порака од јавната трибина на тема „Името и идентитетот: академски одговор“ што денеска се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје.

– Наша катастрофална грешка беше што прифативме да преговараме за името, бидејќи има работи кои не се предмет на расправа. Со преговарањето само дозволуваме да проблематизираме нешто што не е проблематично. Преговорите ќе завршат онака како што почнаа – како лакрдија – порача академик Витомир Митевски.

Тој нагласи дека расправата за името на еден народ и држава не е нешто ново и необично и не е чудно што некои земји во светот имаат не по едно, туку по две, три и повеќе имиња, односно ендоними – како сами се нарекуваат и егзоними – како други ги нарекле од надвор.

– Тоа се случувало во колонијалните земји кога колонизаторите им наметнувале име за надворешна употреба, а тие си имале за внатрешна. По завршувањето на колонијалното ропство си го врќале своето име и тоа било прифатено од меѓународната заедница. Нас не третират полошо и од колонијалните земји, бидејќи ни се наложува име не само за надворешна употреба, туку и за внатрешна. Како поминува времето апетитите на Грција само се зголемуваат. Решение е да се прекинат преговорите за името – рече академик Митевски.

Според проф. д-р Михајло Поповски, евидентна е нетранспарентноста со која се водат преговорите под закрилата да не му се наштети на процесот. Евидентно, како што кажа, е и немањето план што да се прави во случај на неуспех на преговорите.

Проф. д-р Бранислав Саркањац вели дека проблемот со името со Грција во голема мерка се должи на еднолинеарната историја според која токму Грција е лулката на европската демократија и е идеал врз кој се градел идентитетот на Германија и на Британија.

Проф. д-р Билјана Ванковска порача дека сите се соучесници во тоа што се случува и додаде дека голем дел од академската фела молчи и преферира да не се впушта во дебатирање за да не бидат предмет на стигматизација и лов на вештерки.

– Во голем дел тоа го разбирам бидејќи политичките елити подржани од одредени универзитетски професори порачаа – вие подобро да молчите, ова е критичен момент за Република Македонија во процесот на решавање на името. Молчете, не бранувајте и немојте да го расипете процесот. Ниту една држава која е зрела не би се однесувала поданички како што тоа го прави Македонија. Ако ние не си го решиме нашиот проблем тогаш веројатно и понатаму ќе бидеме предмет на решавање на некој друг фактор – рече Ванковска

За проф. д-р Благоја Јанаков целта на наметнатиот проблем со името е да се разнебити македонскиот народ, а во тоа предничат САД и Британија силите кои и даваат поддршка на Грција исто како и НАТО и Европската унија. Фактори на разнебитување се и соседните земји.

– Грчките влади не прифаќаат постоење на македонски јазик и култура и во последните 100-тина години направиле многу злодела кон Македонците. Целта на грчката власт е укинување на македонскиот јазик и идентитет. Во Македонија има и внатрешни чинители за разнебитувањето – рече Јанаков.

Проф. д-р Длибор Јовановски посочи дека сите пет предлози кои се дадени за името се лоши и неприфатливи за Македонија, а последниот предлог даден од медијаторот Метју Нимиц е убедливо најлош до сега, бидејќи во него се застапени сите грчки барања.

– Веќе 25 години преговараме за името. Уште од почетокот на преговорите Грците сакаат да ни го сменат идентитетот и велат дека името Македонија не може да се користи во етничка конотација. Тоа го прават заради себе за да го зачуваат нивниот идентитет бидејќи во 19-от век имале дилема дали се Ромеи, односно православни Византијци или Хелени, наследници на античките Грци. Имаат проценето дека нашата држава не е хомогена одвнатре и наметнуваат нелогични барања криејќи се зад „ни ја крадете историјата“ и бараат менување на нашиот идентитет односно на нацијата, јазикот, културата, традицијата – посочи Јовановски.

Според него, проблемот нема да се реши доколку се согласиме на промена на привремената референца со некое ново име за меѓународна употреба, бидејќи, како што наведем, кога ќе дојде време за прием во ЕУ ќе решат дека не може со македонски јазик (macedonian language) како службен јазик да се влезе во Унијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...