Тимоние: Скептицизмот не доаѓа од нашите Влади, тие немаат ништо против Северна Македонија

Договорот од Преспа е спротивен сигнал, поддржан од сите, но тој треба да се засили преку спроведување реформи, но и зајакната политичка клима. Тоа е пораката до политичките партии - порача амбасадорот Тимоние.

501

Скептицизмот кој би можел да постои не доаѓа од нашите Влади, тие немаат ништо против Северна Македонија, напротив. Скептицизмот постои кај нашето јавно мислење, затоа што тоа за овој регион има претстава дека е регион кој повеќе испорачува проблеми, отколку решенија – изјави денеска во Велес францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние.

Тој нагласи дека успешни претседателски избори, без манипулации и слободно изразената волја ќе биде многу важна работа.

– Со тоа ќе се сврти страницата од 27. април и ќе се покаже дека земјата е зрела да забрза по eвропскиот пат. Договорот од Преспа е спротивен сигнал, поддржан од сите, но тој треба да се засили преку спроведување реформи, но и зајакната политичка клима. Тоа е пораката до политичките партии – порача амбасадорот Тимоние на прес-конференцијата со градоначалникот Аце Коцевски.

Францускиот амбасадор нагласил дека патот на нашата држава кон ЕУ не е воопшто лесен, бидејќи сме исправени пред голем број на услови, но услови кои се добри за нас.

– Токму тоа ние сакаме да го направиме, да ве придружуваме на тој пат. Да ви помогнеме заедно чекор по чекор да напредуваме. Но, за да се постигне тоа потребно  е сепак чувство за национално единство, но и чувство за национален интерес. Тука се и одредени рокови коишто треба да бидат исполнети со изгласување на одреден број закони во Собранието. Со нетрпение очекуваме сите тие закони да бидат изгласани, но и да се увериме дека оние закони коишто беа изгласани пред неколку месеци се спроведуваат. На добар пат сте, но потребно е да се забрза темпото сега – рече амбасадорот Тимоние.

Освен за поддршката на Франција на патот кон ЕУ, било разговарано и за состојбите на општината и како во Франција да се презентираат подобро македонските вина.

– Тука сум и да ја поддржам и целокупната работа што ја спроведуваат невладините организации, особено Француските. Една од нив ќе допатува во Велес и ќе донесе  донација за болницата – потенцира Тимоние.

Посочи дека тоа е и суштината на Европа, создавање на европската солидарност и вистинско пријателство меѓу народите, а што може да се случи само ако взаемно добро се познаваме.

– И ние сме среќни и сакаме што подобро да ги запознаеме вината од Република Северна Македонија и затоа ми спомнавте за таа идеја да се запознаат македонските вина во Франција. Ја подржувам таа идеја, затоа што тое е многу добра инвестиција – оцени Тимоние.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...