И по четири часа дискусија, работните групи не се доближиле во ставовите на разговорите меѓу работните групи за Законот за јавното обвинителство и започнатите истраги.
– Барањето на ВМРО ДПМНЕ, СЈО да бидел дел од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а не посебно обвинителство, не може да биде прифатено, прво поради самата Стратегија на правосудството во која е предвидено СЈО да продолжи како обвинителство, а не како одделение. Друга клучна разлика се почнатите предистраги, истраги и обвиненија на ова обвинителство, што се покренати по 18 месеци од неговата работа. Барањето за прекинување на овие постапки и нивно евентуално ново отпочнување, значи на некој начин губење на голем број сериозни докази, со што постои опасност на губење на процеси, а со тоа и амнестирање, рече министерката за правда, Рената Дескоска.
ВМРО ДПМНЕ повторно може да ги разгледа своите предлози и да ги соопшти ставовите до четврток, доколку в петок има втора средба.
А за Тони Менкиновски, предводникот на работната група на ВМРО ДПМНЕ, средбата била „плодна“.
– Овој закон навистина има потреба од амандмани за подобрување на работата на јавното обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање. Сметаме дека СЈО треба да биде одделение во јавното обвинителство за организиран криминал. Не се прифатливи одредбите СЈО да не одговара пред никого и сам да си го создава буџетот – рече Менкиноски.
Тој додаде дека в четврток ќе ги достават нивните амандмани.