„Македонско сценарио“

Во мултилатералната дипломатија ние сме незабележени а единствено таму можеме да поентираме. Билатерално, речиси секаде сме во потчинета позиција. За тоа никој не води сметка. Мултилатералата е кондензирана билатерала, а во центрите на мултилатералното одлучување имаме шанси за безброј билатерални контакти и тоа секојдневно.

1257

Регионот врие од сценарија. Најмалку филмски. Режисери и сценаристи се политичари. Настаните имаат свои сценарија составени од секвенци и развој.  Некои беа и крвави. Во последно време се користи синтагмата „македонско сценарио“, промовирана од страна од тогашниот српски премиер а сега и претседател А. Вучиќ, а основата беа „шарената револуција“, мирните протести во тогашната Република Македонија во ,2015 и 2016 усмерена на соборување на  диктаторскиот режим на азилантот во Будим, Н. Груевски. Промоцијата беше посебно нагласена во 2017, кога тогашниот премиер беше и претседателски кандидат, што коинцидираше  и со крвавиот четврток (27 април 2017), кога контрапротестаните влегоа во Собранието да ја одбранат демократија, загрозувајќи ги животите на пратениците. После две години, судскиот епилог е познат.

Синтагмата „македонско сценарио“ пежоративно беше употребувана подоцна од претседателот на Србија, Вучиќ и министерот надворешни, Дачиќ, како одговор на безличната српска политичка опозиција со познатите заканувања дека нема да дозволиме „македонско сценарио“, небаре тоа сценарио е синопсис за крвопролитие, а не за мирно предавање на власта после изгубените или подобро, недобиените избори. Кај нашиот северен сосед (плеоназам – Северна Македонија може да има само јужен сосед), раната пролет е зашарена со континуираните протести на граѓаните, во кои издуваните лидери на опозициските партии гледаат некаква шанса да дојдат на власт. Бараат фер предвремени избори и ќе ги добијат. Испробаното сценарио за предвремени избори е одавно добитничко, па политичките оскари ги красат неоренесансните одаи на вождовите, главно во сѐ уште  невратените  конфискувани имоти.

Властодржците во регионот, кои под терминот народ подразбираат партиски заведени чеда, милуваат  такви сценарија да ги оцрнуваат. Само не е сосема јасно дали под поимот „македонско сценарио“ ја подразбираат „шарената револуција“, односно променада или пак диригирано влегување на приврзамниците на паднатиот режим во парламентот, бидејќи деновиве српскиот претседател опколен во Андриќев венец повторно порачува дека нема да се дозволи „македонско сценарио“. Верувам дека Грците немаат ништо против на употребата на придавката „македонско“ во оваа синтагма.

Досегашно  пролетно ламентирање околу „македонското сценарио“ има  за цел единствено да  поминам на главната тема,  а тоа се нашите односи со соседите. Влегување во историската генеза на односите не ни оди во полза, бидејќи постои голема разлика во однос на државотворноста на државите нашите соседи. Недостаток кој не може да се надомести. За нас сегашноста е шанса. Но,  сегашноста е  дефиниран и ограничен временски  поим. Потоа станува минато. Минатото се пропуштени и неискористени прилики. Иднината е неизвесна и  носи опасност од реинкарнација на нанесените неправди во минатото. Ние како да не забележуваме дека сегашноста истекнува како песок од песочниот часовник.

Времето не работи за нас, во тоа се уверивме и со постигнатите успеси  во формалното подобрување на односите со соседите. Проблемите, еуфемистички нарекувани отворени прашања, формално се затвораат,  но фактички  тие се уште исти, прекриени со европската арабеска, притаени и секогаш  подготвени за да се покажат во сета своја  разноликост. Соседите  подготвено, како ловци на чека, набљудуваат кога ќе направиме некоја грешка, а најчесто дипломатска.

А ние ги правиме.  Не сме доволно обучени. Недипломатските реакции на соседите алтруистички ги минимизираме во реакциите понекогаш до ниво на понизност. Често и дипломатските реакции не се на соодветно ниво. Претераното, пак, интимизирање  носи опасност на дипломатство лакејство. Без  дипломатска или државничка потреба, влегуваме  во братско пријателство, што само ја слабее нашата проектирана позиција. Беспотребното осудување (Русија) и самосуцидните обиди за дисквалификација (Кина-Тајван), нереалните амбиции (Латинска Америка), неконзистентоста кога се во прашање нашите поддршки на државите во многубројните кандидатури за членство во системот на ОН (УНЕСКО) или меѓународните органиации (ИНТЕРПОЛ), ја слабеаат нашата позиција.

Во мултилатералната дипломатија ние сме незабележени а единствено таму можеме да поентираме. Билатерално, речиси секаде сме во потчинета позиција. За тоа никој не води сметка. Мултилатералата е кондензирана билатерала, а во центрите на мултилатералното одлучување имаме шанси за безброј билатерални контакти и тоа секојдневно. На ова повеќе пати сум укажувал во МНР и во колумните. Посебно треба да сме внимателни во различите трилатерали или кватротерали, во кои ние не сме вклучени. Повеќе наши соседи можат во тие соработки лесно да најдат заеднички јазик по некое за нас отворено прашање. Преговоорите со Европската комисија, ако до нив дојде, набрзо, а посебно во завршната фаза, ќе ги потврдат моите сомневања.

Посебна слабост ни е безбедоносната култура на дипломатитите поврзана со нивното соодветно (не)едуцирање и неповрзаноста на  безбедоносните структури. Нашата сегашност е посебно дипломатски тешка. Поминаа времињата на блиставите улоги на  харизматичните министри за надворешни работи. САД немаат таков после Кисинџер, а а рускиот сегашен не може да ја достигне мумизираноста и неговорот на телото на еден А. Громико. Кај нас не е доволна хиперактивноста на еден релативно млад министер. Во клуб се влегува подготвен. На терен истрчува истренирана екипа со јасен сценарио во 35 точки. Нема второ полувреме. Лошото водење на преговорите води кон мониторинг (Романија, Бугарија) а и можна дисквалификација, односно егзит.

Новото наметнато име на нашата држава е нов предизвик за нашата државотворна политика посебно во однос кон соседите, тргнувајќи од    тврдењето на Ф. Фукујама  дека во 21 век клучна тема која определува политички победници е поврзана со идентитетот, јас би додал и достоинството (К. Ишигуро).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...