Со оглед на фактот што не се прифати мојот јавно изнесен предлог сите лица осомничени и обвинети од страна на Специјалното јавно обвинителство да се наредат на улицата Водњанска и да се згазат со камион (со исклучок на отсутниот Никола Груевски, за жал), за прекиот суд да ја изврши револуционерната правда и конечно да се смират страстите во нашата скарана татковина, дојдов до заклучок дека сепак, барем декларативно, постои волја сите овие лица да се обвинат, да им се суди и да им се пресуди во согласност со нашите закони и во духот на најголемите дострели на нашата не баш славна судска пракса.
Се израдував и си реков дека сепак, покрај силната желба сурово да се казнат луѓето на кои јавноста одамна им пресуди, уште кога ги слушна „бомбите“ (да бидам искрен, не се изземам и себеси од таа моќна импресија), постои и јасно изразена политичка волја правдата да се изведе во легални и легитимни судски постапки, во Кривичниот суд, каде што не се суди според нечии желби, емоции и навивања, туку само според два многу важни закона – Кривичниот законик (КЗ) и Законот за кривична постапка (ЗКП).
И бидејќи стасавме и ние до таму кај нас двете страни во постапките, тужителот и одбраната, да се рамноправни, си зедов обврска да бидам „адвокат на ѓаволот“ и од таа позиција да го проанализирам токму оној случај за кој падна неправосилна пресуда за Сашо Мијалков, Мендух Тачи, Бедредин Ибраими и другите, а за кој јас на Фејсбук напишав дека Апелацискиот суд ќе мора сериозно да расправа – и за битието на делото и за самата постапка. Извршив делумен увид во дел од списите на предметот, но не пред да падне драконската пресуда (како моите колеги „истражувачи“, кои беа повикувани на брифинзи во СЈО во текот на постапките), туку откако судијата ја донесе својата пресуда – така никој не може да ми приговори дека сум влијаел врз неговата одлука.
Кој го натера СЈО да задоцни 25 дена?
Но, да одиме сега in medias res, кон суштината на проблемот.
Како што е општо познато, Мијалков е осуден затоа што (банализирам) по телефон му рекол на Тачи да му каже на Ибраими во ДИК да се поништи гласањето на избирачкото место 1727. Во принцип, не само јас, туку сега и новиот закон ја спори легалноста на доказите („бомбите“) прибавени на нелегален начин. Опширно пишував на оваа тема, повикувајќи се на документи и на мислења на експерти. Но, ексклузивно за оваа прилика, еве, хипотетички, „бомбата“ ќе ја сметам за валиден и неспорен доказ.
Првиот проблем со кој се соочува Судот е фактот дека согласно член 402 став 2 од ЗКП, тој морал да донесе одбивателна пресуда, поради тоа што постапката е водена без барање на овластен тужител. И богами, многу е тешко да се оспори овој силен аргумент на одбраната. А еве зошто.
Врховниот суд донесе начелно правно мислење, според кое СЈО може да поднесе обвинение во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во своја надлежност. По тој рок, СЈО не е надлежен тужител за преземање јавнообвинителски работи и предистражни и истражни дејствија. Тој рок тече од 4 декември 2015 година, а обвинението против Мијалков и другите е поднесено на 29 јуни 2017 година, точно 25 дена по истекот на рој рок. Можеби за другите судови мислењето на Врховниот е и ќе биде „факултативно“, но не и за него – тој суд мора да постапи според мислењето што веќе го донел. Ако овој предмет стаса до највисоката судска инстанца, а ако мора и ќе стаса, јасно е каква ќе биде пресудата.
Е сега, некој ќе рече – ова го стокмил „Јово Превара“, сите 15 од влупно 17 судии на Врховниот суд се или будали или поткупени или под притисок и слично. Не е баш за верување, ама ајде, нека биде и така. Но, тоа сепак не е вистинското прашање. Не, вистинското прашање е зошто СЈО морало да задоцни 25 дена и да стане неовластен тужител? Зошто постапило така? Кој ги терал специјалните обвинители да задоцнат? И нив ли некој им се јавил по телефон, како Сашо на Мендух?
Сите членови на ДИК ќе одат во затвор?
Вториот крупен проблем со кој се соочува осудителната пресуда во овој случај е фактот дека за оваа работа веќе постои една друга правосилна судска пресуда, која во принцип се смета за извор на правото. Имено, по наводно „криминалната одлука“ на мнозинството во Државната изборна комисија (ДИК), да не се прифати гласањето на спорното избирачко место, по жалба, одлучувал Управниот суд. Тој суд донел правосилна пресуда (УРП 524/2013), во која оценил дека ДИК правилно постапила по приговорите, односно така како што барале Мијалков и Тачи.
Ај беља работа… Некој ќе рече – па добро, сите судии во Упрваниот суд биле или будали или поткупени или под притисок. И тоа е тешко за верување, но ајде, нека биде и тоа. Ама и од тоа има поголема беља.
Внимавајте, после донесувањето на одлуката на Управниот суд, ДИК повторно гласала и едногласно донела одлука да се поништат изборите на тоа избирачко место, така како што сугерирале Мијалков и Тачи. Не гласало мнозинството во ДИК, туку сите седум членови на ДИК гласале за одлуката за поништување. И сдсмовците така гласале. А одлуката ја напишал и потпишал Борис Кондарко лично. Тие луѓе ќе одат во затвор или не?
Се разбира дека нема да одат. Никој не треба да оди. Затоа што од авион се гледа дека кривичната пресуда е донесена со сериозна повреда на постапката. Тој што поднел обвинение користејќи ја таа правосилна пресуда на Управнот суд како доказ, тој морал да знае дека согласно членот 20 од ЗКП имал обврска прво таа судска пресуда да ја „обеснажи“, односно да докаже дека е донесена со сторено кривично дело од страна на судиите. Без тоа, не можело да се води кривична постапка. И Судот тоа морал да го знае. Законот за таа работа е јасен.
Зошто не е постапено според законот? Зошто не се играло по правилата на игра? Зошто работава се терала трчај-мочај?
За што одлучувал Тачи во ДИК, па уште и самостојно?!
Напишав дека е спорно битието на делото. Да образложам. Мијалков е неправосилно осуден според член 359 став 4 во врска со став 5 од КЗ. Кривичното дело од овој член се извршува на тој начин што некој што има претпоставено или реално влијание, го искористува тоа влијание и за награда, подарок или друга корист, или ветување за таква корист, бара, интервенира или на друг начин поттикнува или влијае кај одговорно лице или лице кое врши работи од јавен интерес, да изврши или да не изврши дејствие што е спротивно на неговата должност. Така вели законот. Дословно. Кој не верува, нека чита. Закон, не колумни и постови на Фејсбук.
Е сега, јасно е дека Мијалков му се јавил на Тачи да интервенира кај „својот“ Бедредин Ибраими во ДИК. Тоа не е ништо ново и непознато. Нема политичар кој не се јавувал кај „своите“ во ДИК за оваа или за онаа работа да одлучат вака или онака. Но, не е тоа вистинското прашање. Не, вистинското прашање е дали Мијалков, за да изврши реално влијание и така и кривично дело, го избрал „одговорното лице или лицето кое врши работи од јавен интерес“, како што дефинира законот. Дали?
Членот 122 став 9 од КЗ експлицитно ги наведува лицата што вршат функции од јавен интерес. Па реди: наставник, воспитувач, лекар, социјален работник, новинар, адвокат, нотар или друго лице кои тие работи ги врши самостојно – самостојно! – или во правно лице кое врши дејност од јавен односно општ интерес определен со закон. Мендух Тачи не е баш ништо од наведеното. Тој не е одговорно лице кое самостојно врши работи врз кои Мијалков сакал да влијае. Ако лидерството во неговата партија е дејност од општ интерес, таа дејност сепак нема врска со ДИК. Друго би било Мијалков да му се јавел лично на Ибраими. Па и тогаш би можело да се спори, бидејќи Ибраими е член на ДИК, а членовите на ДИК не вршат работа самостојно, туку одлучуваат колективно.
Еве зошто казната е драконска
Пресудата ја нареков драконска. Во споредба со онаа за Чавков, на пример, оваа за Мијалков е „песма лета“. Но, да не споредуваме сега баби и жаби. Она што пресудата во овој случај ја чини драконска е еден друг многу важен момент.
Имено, како и против Никола Груевски, така и против Сашо Мијалков, постапката се води врз основа на обвинителен предлог, а не врз основа на обвинителен акт. Има битна разлика меѓу овие две категории. Правниците што ги консултирав детално ми ја објаснуваа разликата. Ако добро сфатив, суштината е во тоа што обвинителен предлог се поднесува за полесни кривични дела, во кои запретената казна е помала и затоа се води скратена постапка. Како и да е, правните експерти тврдат дека не паметат, по обвинителен предлог, во праксата досега да е донесена ефективна затворска казна. Се носеле условни пресуди, ако се утврди вина, нормално. Првиот преседан е ефективната двегодишна затворска казна за Никола Груевски, вториот преседан е казната затвор од 3 години за Сашо Мијалков. Исто така, крајно невообичаено е со обвинителниот предлог заедно да се „спакува“ и притвор. Сето тоа говори дека во случајот е евидентна една драконска тенденција.
Постапката има и други неотпорности. На пример, целосно е побиено тврдењето на СЈО дека настанале штетни последици во износ од пет просечни плати. Извршено е вештачење и утврдена е штета од само 26.000 денари. И на судските вештаци ли некој им се јавил по телефон? Сега, откако Груевски и Мијалков не се на власт?
Правдата се служи, не се наметнува со меч!
Да заклучам. Свесен сум дека на многумина нема да им се допадне ова што го пишувам и дека ќе ме прогласат за „бранител на криминалци“. Нема да се опирам на тие навреди со тоа што ќе потсетувам какви последици трпев јас лично за време на режимот на Груевски. Ме има и мене во „бомбите“. Бев и физички следен. И моето семејство беше шиканирано. На порталите Курир и Република, кај Латас и кај Миленко, од куртоните генерално, бев меѓу петте најнапаѓани личности од опозицијата. Мене лично Груевски, човекот за кого напишав дека е најлошто нешто што ѝ се случило на Македонија од 1945 година наваму, ме избра за свој топ непријател. Тој подобро од сите вас си знае зошто. Па јас за тоа не барам „партизанска споменица“, уште помалку разбирање од луѓе кои не сфаќаат или одбиваат да сфатат дека правдата се служи (to serve justice), а не се наметнува со меч.
Затоа, уште еднаш јавно ќе кажам дека јас не се борев за ваква „правда“. Нашето правосудство во целина е несовршено. Беше пред Груевски, уште повеќе беше такво во времето на режимот, а и денес е такво. Но, ние сепак имаме солидни закони, имаме и добри обвинители и судии, имаме и одлични адвокати, како и правни експерти кои гледаат и се свесни дека вака не се служи правда. Не ни личи вака да резилиме. Ако сакаме да биде цивилизирана и европска земја. Со европско правосудство.
А сега, како беше онаа реплика… Пукај бе братучед, пукај!