Во досегашната предистрага утврдено е дека не е загрозено правото на пензија на осигурениците во Република Северна Македонија, соопшти обвинителството откако министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, поднесе кривична пријава која се однесува на невршење на распределба на осигуреници во вториот столб од пензискиот систем и неисплата на придонеси во приватните пензиски фондови.
Покрај Царовска, досега искази за случајот дале генералниот директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, претставник на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и претседателот на Управниот одбор на КБ Првото пензиско друштво и претставник на САВА пензиското друштво.
Дополнително ќе се испитува и претставник од Министерството за финансии.
„Од страна на Министерството за труд и социјална политика дополнително беа доставени документи кои се однесуваат на вршењето на надзорот на Министерството врз работата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. До овој момент, не се пристигнати побараните извештаи од Државниот завод за ревизија за извршените ревизии во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во критичниот период. Јавниот обвинител ќе одлучи доколку е неопходно да се преземат и други дејствија во текот на предистражната постапка“, соопштија од обвинителтвото.