Десет лица се здобиле со лесни телесни повреди во девет сообраќајни незгоди од вкупно 19 што се случиле изминатиов викенд на подрачјето на Град Скопје. Во 10 сообраќајни незгоди е причинета материјална штета.
Според податоците на МВР, полицијата исклучила од сообраќај 144 возачи кои се движеле со поголема брзина, тројца возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, 58 пред да се стекнат со право на управување на моторно возило и шест почетници.
Полицијата од сообраќај исклучила седум технички неисправни возила и 42 нерегистрирани возила.
Евидентирани биле и 163 возачи за непрописно паркирање, а со специјалното возило „пајак“ биле подигнати 153 возила.
Казнети се и тројца пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин, осум возачи кои поминале на крстосница на црвено светло, тројца возачи кои не дале првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, двајца за неправилно престигнување, 11 за некористење заштитен шлем при возење велосипед со мотор, мопед и мотоцикл, десет за неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 33 за користење мобилен телефон за време на управување моторно возило.