Вуцис-Димитров: Договорот од Преспа го отвори патот за пријателство и соработка

74

Договорот од Преспа го отвори патот кон пријателство, сојузништво и сработка во сите области, пат по кој веќе чекорат двете соседни земји, е пораката што ја испратија Претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров на нивната денешна средба, јави дописничката на МИА од Атина.

Пред почетокот на состанокот во обраќање до медиумите, Вуцис и Димитров говореа за важноста на Договорот од Преспа, како за двете земји, така и за двата народи. Претседателот на грчкиот Парламент рече дека договорот има историски карактер “не само затоа што дава можност да свртиме страница, туку е и меѓународен пример за решавање на проблемите”, додека, пак, министерот за надворешни работи истакна дека “се наоѓеме на правилната страна од историјата”.

-Ратификуваниот Договор од Преспа во содржината и духот ги има сите одредби за да го отвори патот по кој веќе чекориме за да постои пријателство, соработка, сојузништво и партнерство меѓу двете земји и меѓу грчкиот народ и народот од Северна Македонија, рече Вуцис.

Тој се задржа на парламентот како простор во кој се водеа дискусиите за ратификација на Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО, место пред кое се одржаа протести, но и место каде што ќе се формираат комисии меѓу парламентите на двете земји.

-Грчкиот Парламент во исто време е и местото каде набрзо може да се направат чекори за формирање парламентарни комисии на пријателство меѓу пратениците од двата парламента, каде, исто така, може да се направат сите чекори што се однесуваат на напорите дали за финализирање на процесот на членство на вашата земја во НАТО, дали за чекорите во следните години што се однесуваат на интеграцијата на сите земји од Западен Балкан, но и на вашата земја во Европската унија. Тоа се вашни чекори, вие ќе с движите, но ние, колку што можеме ќе помогнеме, истакна претседателот на грчкиот Парламент.

Министерот за надворешни работи потенцираше дека со Договорот од Преспа се отвори огромен потенцијал во односите меѓу двете земји и истакна дека е важно да се убеди секој граѓанин, и во Грција и во Северна Македонија, “дека ова беше правилната работа и дека сме природни сојузници”.

-Ќе треба време, мудрост и лидерство, но мислам дека гледајќи назад на Договорот од Преспа, сите ќе бидеме горди, дури и противниците на договорот. И ќе ги убедиме сите политички партии и јавното мислење од двете страни и немам никакви сомнежи околу тоа, истакна министерот за надворешни работи, пренесе МИА.

Тој објасни дека промените се тешки по дефиниција, како што е тешка и борбата со табуата, со стереотипите, со предрасудите.

-Но, јас навистина се чувствувам дека сме на вистинската страна од историјата. Мислам дека создадовме дел од Европа, во нашиот дел од Европа, кога Европа се бори за пријателство, за надеж, за оптимизам, против стереотипите, против старите трендови, рече Димитров и додаде дека сите се горди на историјата во регионот, “но немаме доволно иднина”.

Министерот за надворешни работи и неговиот домаќин, претседателот на грчкиот Парламент, се осврнаа и на претстојната посета на Алексис Ципрас на Скопје.

-Веќе работиме на посетата на премиерот Алексис Ципрас. Тоа, исто така, ќе биде историски чекор, рече Димитров.

-Сигурен сум дека по контактите и посетата на премиерот и на големата делегација од грчка страна во следниот период, на која работат двете страни, ќе се забрзаат сите аспекти на соработката. Во економската, трговската, туристичката област и поврзувањето, истакна Вуцис, пренесе МИА.

На почетокот од изјавите, пред средбата, Вуцис и Димитров изразија сочувство за масакрот во Нов Зеланд.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...