Најмалку по 10 години робија им се заканува на обвинетите за „27 април“

2065
ФОТО: МИА

Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста е делото за кое се товарат обвинетите во случајот „27 април“ за кого денеска во 12 часот во Кривичниот суд во Скопје ќе се соопшти пресудата. Минималната затворска казна која е пропишана за ова дело во Кривичниот законик е 10 години.

Во овој судски случај на обвинителна клупа седеа вкупно 33 лица, но со Законот за амнестија бројката се преполови бидејќи беа амнестирани пратеници и дел од луѓето кои влегоа во Собрание, но за кого судот оцени дека не вршеле насилство.

Судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска денеска ќе изрече пресуда за вкупно 17 обвинети.

Меѓу нив петмината кои не побараа амнестија: екс директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, началникот во МВР за специјални операции Душко Лазаров, еден од водачите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Јане Ченто и Игор Југ од патриотските здруженија.

Пресуда денеска ќе има и за 12 обвинети кои бараа, но не добија амнестија: Горан Јошевски-Леви, Александар Василевски-Нинџа, Горанче Ангеловски Ќосето, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Никола Митревски-Кољо, Вилијам Михајловски, Митко Пешов, Оливер Радулов, Младен Додевски, Влатко Трајков, Оливер Поповски.

Обемниот судски процес за „крвавиот четврток“, пак, благодарение на амнестијата до крај не го проследија 15 амнестирани: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.

Во овој случај опфатен беше и Сашо Марковски, кој заедно до Оливер Радулов, се гонат бидејќи ги уништиле хард-дисковите со снимките од безбедносните камери во Собранието. Но за него судењето беше одвоено бидејќи му се влоши здравствената состојба.

Судскиот процес започна во август минатата година, судијката Кацарска повикувајќи се на европската пракса за судење во разумен рок, закажуваше и по неколку рочишта во една недела кои заедно со неколкуте паузи, траеа и до вечерните часови.

Но, во овој предмет не беа опфатени организаторите и нарачателите на „27 април“. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција долго водеше предистрага, а пред еден месец отвори истрага во која ги сомничи експремиерот Никола Груевски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, експретседателот на Собранието и актуелен пратеник Трајко Велјаноски и поранешниот разузнавач Никола Бошковски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...