Вицепремиерот за Рамковен договор Хазби Лика е со една нога надвор од Владата откако во Собранието денеска помина првата фаза од измените на Законот за Влада, со кои се предвидува трансформирање на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор во ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Лика дефинитивно ќе биде разрешен од функцијата по изборите, односно на 1 јуни кога законот ќе стапи во сила. Засега не се знае дали со новото Министерство ќе раководи ДУИ, но е јасно дека тоа нема да биде Лика. На чело на новото Министерство атакуваат од помалите етнички заедници.
Пратеникот на ДУИ Ејуп Алими, на расправата за измените на законот рече дека формирањето на ова ново Министерство е неопходно и произлегува од анализата на Рамковниот договор од 2015 година.
Како што рече Алими, поддршка за формирањето ново министерство дале сите партии.
Пратеникот од ДУИ Артан Груби, се заблагодари на парламентарните партии бидејќи дале поддршка за овие законски измени, појаснувајќи ги надлежностите на новото Министерство.
Истакна оти Рамковниот договор е веќе надминат, и оти сега ќе се работи на негова имплементација.
Рече дека сите надлежности на Секретаријатот се пресликани во Министерството, но дека се додадени и нови.
Пратеникот од Партијата за Движење на Турците Енес Ибрахим истакна оти е потребно ова ново министерство, во духот на мултиетничкото општество, но посочи дека со предлог-законот не е прецизирано дали ќе се однесува на правата на помалубројните етнички заедници.
Зеќири Рамчиловиќ од Бошњачката партија рече дека помалите заедници треба да го предводат новото Министерство.
Лика вчера реагираше дека не е информиран за трансформацијата на Секретаријатот и во изјава за Плусинфо побара средба со лидерот Али Ахмети и со премиерот Зоран Заев.
По ова ДУИ реагираше дека е срамота за вицепремиерот ако не знае за трансформацијата на Секретаријатот, бидејќи тоа е дел од партиската и од владината програма.