Скандалот со подмитувања и измами на приемните испити, на неколку престижни универзитети, ја шокираше Америка, а мозокот на оваа измама е Вилијам Рик Сингер, основач на компанијата „Edge College & Career Network“ во Њујорк Бич во Калифорнија.
Сингер се изјаснил како виновен и сака да соработува со обвинителите. Неговиот адвокат изјавил дека се кае. Многубројни богати родители, меѓу кои и холивудските актерки Фелисити Хофман и Лори Лофлин, се осомничени дека плаќале мито и учествувале во измами со чија помош нивните деца биле примени на универзитетите, иако не ги исполнувале условите.
Поголем дел од овие обвиненија е поврзан со Сингер, кој е основач на компанијата „The Key Wolrdwide Foundation“, која наводно се занимава со советување и подготовка на децата при упис на универзитети.
– Станува збор за два вида на измами кои Сингер ги продавал. Една е мамење на приемните тестови, а друга е користење на неговите врски со тренерите и подмитување на тренерите за децата да бидат примени на универзитетите со лажни атлетски историјати – изјавил државниот обвинител Ендру Лелинг. Меѓу тренерите кои примале мито е и еден од најдобрите ватерполо тренери во САД, Јован Вавиќ.
Како што Лелинг истакнал, станува збор за корупција од широки размери во која учествувале многубројни богаташи.
– Не може да постои посебен систем за богатите и нивен упис на колеџи, а јас велам дека нема да има ни посебен правосуден третман за нив – рекол обвинителот.
Федаралното истражно биро – ФБИ, во вторникот опишало дека Сингер осмислил систем за измама преку кој добил десетина милиони долари. На пример, Сингер и неговите соучесници користеле технологија за манипулирање на фотографии, за да стават слики од лицата на децата на своите клиенти на тела на спортисти, навеле обвинителите.
Наводната мисија на неговата компанија, според описот на нејзиниот сајт, е да „дава упатства и да ги охрабрува студентите кои се во неповолна положба ширум светот“. Меѓутоа, се воспоставило дека, всушност, им помага на богатите и славните.
ФБИ објавил некои од прислушуваните разговори:
„Тоа што го правиме е да им помагаме на најбогатите семејства во САД да ги запишат децата во училиште…Тие сакат гаранции, сакаат работата да се заврши и не сакаат да се шегуваат. И тоа го сакаат во одредени училишта, а јас ја отворам вратата која води кон нив“, рекол Сингер во разговорот со еден клиент и додал:
„Јас можам да направам да се постигнат одредени резултати, а никој на планетата не го може тоа. Таа нема ни да знае дека тоа се случило. Ќе мисли дека е многу паметна или дека имала среќа на тестот“, рекол тој, мислејќи на ќерката на клиентот со кој разговарал.
Сингер, според зборовите на обвинителот, примил околу 25 милиони долари за помош на богатите родители. Сингер во вторникот се изјаснил за виновен за рекетирање, за перење пари, заговор за измама на САД и попречување на правдата, рекле обвинителите.
ФОТО: Јутјуб/Принтскрин