Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) утре ќе одржи состанок со работната група која работи на нова методологија за пресметка на малопродажните цени на нафтата и нафтените деривати. Методологијата, како што информира претседателот на РКЕ Марко Бислимовски, треба да стапи во функција најдоцна до 8 мај годинава кога истекува договорот со Хеленик Петролеум, а доколку не биде донесена ќе дојде до либерализација на пазарот на нафта и нафтени деривати.
– Според нашите анализи и искуството од соседните земји се покажува дека либерализацијата на пазарот ќе значи зголемување на цените во овој момент поради тоа што имаме еден учесник со големо пазарно учество. Тоа е ОКТА која во изминативе години во пазарот на големо учествува со 70 до 80 проценти. Сметаме дека во наредниот период треба да се создадат услови да се јават и други учесници на пазарот со цел да има поголема конкуренција и да дојде до нормална и вообичаена либерализација на пазарот со нафта и нафтени деривати. Во моментов не постојат такви услови и затоа поднесовме иницијатива до Владата за нова методологија за пресметка на малопродажните цени на нафтата и нафтените деривати – изјави Бислимовски на паузата на денешната подготвителна седница.
Тој прецизира дека со постојниот Закон за енергетика е предвидено РКЕ да определува рафинериски цени на нафтата и на нафтените деривати.
– Имајќи ја во предвид фактичката состојба дека ОКТА во изминатите пет-шест години не работи РКЕ формира работна група во која членуваат претставници од Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерствата за финансии и економија и петте најголеми трговци со нафта и нафтени деривати. На првиот состанок дадовме иницијатива за измена на Законот за енергетика со која предложивме да се промени името на новата методологија која треба да ја донесеме и која ќе се однесува на определување на малопродажни цени на нафтата и нафтените деривати – појасни Бислимовски.
Потенцира дека иницијативата била усвоена од Владата, а Собранието ги донело измените на Законот, но во понатамошната постапка не биле потпишани од претседателот на државата.
– Очекуваме во наредниот период овие измени на Законот за енергетика повторно да бидат поминати низ собраниската процедура со цел да може по 8 мај да стартува новата методологија. Доколку нема измени на Законот за енергетика, РКЕ по 8 мај нема да може да носи нови цени и на тој начин ќе дојде до либерализирање на пазарот што веруваме дека во овој момент ќе доведе до драстично зголемување на цената на нафтените деривати – рече Бислимовски и изрази надеж дека ќе се донесат измените на Законот до почетокот на изборната кампања за претседателските избори до кога може да работи Собранието.
РКЕ на денешната подготвителна седница разгледува две предлог одлуки за издавање лиценца за вршење трговија со нафта и нафтени деривати на големо.
– Првата е за Еконик макрет ДООЕЛ Скопје, а втората за Супертрејд ДООЕЛ е изменување на постојната лиценца, бидејќи претпријатието има земено нови резервоари кои ќе служат за складирање на нафтата и нафтените деривати – појасни Бислимовски.