Отпадот е суровина, но кај нас тоа е мисловна именка

Македонските граѓани плаќаат 0,45 евра за селектиран и собран отпад што е најниска цена во Европа. И во соседството цената е повисока. На пример во Бугарија се плаќа 5 евра по тон, а во Германија цената на отпадот е 10 евра по тон.

362

Само девет отсто од над 900.000 тони отпад кој годишно се создава во земјава се рециклира. Останатите количини завршуваат како отпад во депониите и директно ја загадуваат животната средина. Вкупно 116.000 тони од овој отпад го собираат и селектираат колективните управувачи со отпад од пакување кои го селектираат и испраќаат на рециклирање, но постојат и привилегирани компании кои не издвојуваат ништо иако создаваат 45.000 тони отпад годишно. Мал дел од компаниите, пак, размислуваат рециклираниот отпад да го вратат во производството како суровина.

Ова беше речено на денешната дебата на тема „Рециклирање на отпад – искуства, бариери, можности и предизвици за македонските компании“ во рамки на Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“. Дебатата беше организирана во соработка помеѓу стопанските комори и холандската амбасада.

Иднината на справувањето со отпадот, како што рече, амбасадорот на Холандија во земјава, Вилјам Ваупер Пломп, е во рециклирањето, што може да го примени и земјава и таа да се приближи до европскиот стандард – до 2030 година да се рециклира 50 отсто од создадениот отпад.

– Мој предлог е компаниите да одлучат да го рециклираат отпадот што го создаваат и сите страни заедно со институциите да се потрудат да му дадат значење на рециклирањето, особено текстилниот отпад, затоа што рециклираниот отпад е важен ресурс што може понатаму да се искористи – рече Пломп.

Односот кон селектирањето, рециклирањето на отпадот и неговото враќање во производството во неговата земја тој сликовито го покажа преку торба изработена од рециклирани материјали.

Филип Ивановски од Асоцијацијата за посебни текови на отпад при Стопанската комора, пак, рече дека состојбата во земјава е таква каква што е оти не проработила свеста кај граѓаните и посебно компаниите кои не само што не чувствуваат обврска да го селектираат и рециклираат отпадот, туку и не плаќаат за веќе собраниот и селектиран отпад иако законски се обврзани.

– Одредени привилегирани компании кои создаваат 45.000 тони отпад од пакување годишно не издвојуваат ништо за тоа. Тоа ја чини државата околу 5 милиони евра годишно. Ако овие пари ги насочиме кон подигање на свеста на граѓаните која иако расте, е на ниско ниво, би добиле многу како држава – вели Ивановски.

Тој предлага во новите закони кои се подготвуваат во Министерството за животна средина да се воведат царински мерки кои би ги натерале овие компании да плаќаат при увоз на производите.

– И во сегашниот закон има одредби кои би помогнале за намалување на оваа појава, а тоа е да не се прифаќа да се продаваат и купуваат производи од компании кои не плаќаат за нивниот отпад – вели тој.

За незавидната состојба во областа на селектирањето и рециклирањето на отпадот, тој смета дека придонесува и ниската цена што ја плаќаат граѓаните за собирање и селектирање на отпадот и односот на локалната власт кон овој проблем, посебно кон неформалните собирачи на отпад.

– Македонските граѓани плаќаат 0,45 евра за селектиран и собран отпад што е најниска цена во Европа. И во соседството цената е повисока. На пример, во Бугарија се плаќа 5 евра по тон, а во Германија цената на отпадот е 10 евра по тон. И затоа не треба да се чудиме оти таму било чисто, а кај нас состојбата е поинаква – додаде Ивановски.

Славјанка Пејчиновска-Андонова, експерт за животна средина, рече дека целта на дебатите кои се организираат во земјава е да се зголеми уделот на рециклирање на отпадот.

– Со тоа да се заштеди во потрошувачка на нови суровини, енергија, вода, да се намали притисокот врз животна средина, да се отворат нови работни места и да се подобрат позициите на компаниите и зголеми конкурентноста на пазарот. За нејзино остварување потребни се институционални и законски измени, јакнење на капацитетите, иновативни решенија и соработка со научната фела – рече Пејчиновска-Андонова.

Дека и институциите се во насока на рециклирање на отпадот, според Ана Каранфиловска од Министерството за животна средина, говорат законските измени и новите закони кои го регулираат ова прашање што се во подготовка, а за кои треба да дадат мислење и бизнисмените и граѓаните.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...