Експлозијата се направила со помалку од 5% „бомби“

Извадивме нешто можеби под 5 отсто од нелегално прислушуваните таргети, мислам од вкупно нелегално прислушуваните таргети, рече свиркачот Костовски. 

1855

Еден од свиркачите во МВР, Звонко Костовски, и денеска сведочи на судското рочиште за масовното прислушување во случајот „Таргет-Тврдина“. Тој рече дека заедно со неговиот колега, кој сведочеше претходно, од УБК успеале да изнесат помалку од пет отсто од сите нелегално прислушувани таргети.

– Јас и мојот колега Ѓорѓи Лазаревски бевме тие кои се договоривме да ги снимаме и да ги предадеме на професорот Верушевски. Како количина или број на разговори не би можел да дадам проценка. Но, како проценти од вкупниот број на нелегални таргети стануваше збор за мал дел, нешто можеби под 5 отсто од нелегално прислушуваните таргети, мислам од вкупно нелегално прислушуваните таргети – рече Костовски.

Тој појасни оти можеби меѓу разговорите кои ги експортирале некои се дуплирале во случаи кога ги копирале разговорите на два таргета. На пример, појасни тој, разговорите помеѓу ексминистрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески се копирани и кога ги експортирал разговорите од прислушувањето на Јанкулоска, но и кога ги преземал тие што се воделе под името Јанакиески.

– Експортирањето го правев на серверите, односно компјутерите кои беа дел од системот за следење на комуникации и кои се наоѓаа во систем салата. После експортирањето, ги преснимував податоците на надворешен мемориски уред и дополнително ги обработував на мојот компјутер – рече Костовски.

Неговото денешно сведочење е во тек во судницата во Кривичниот суд во Скопје.
Во „Таргет-Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...