ПИСМА ОД ЛОНДОН Аман веќе

1532

За што ќе пишуваш неделава, ме прашува мојот законит. За Брегзит, нели? Земам длабоко воздух и го прострелувам со поглед. Му упатувам поглед сличен на оној со кој Мишел Барние ја поздравува премиерката Тереза Меј кога ќе ја види пак дојдена во Брисел да допреговара, кутрата да види дали може нешто да додоговори, да испазари, нешто малку, нешто, макар и ситно, во последно време „дај што ќе дадеш“. Го поминува Ла Манш и оди наваму-натаму, преговара и договара за да може да ги убеди британските парламентарци, плус оние посебните од Северна Ирска, дека она што го договорила е најдоброто, подобро нема, „земи или остави“, ама ете, ѝ го оставаат по два пати, а како тргнало, кој знае дали ќе ѝ „го земат“ по трет пат. Попусто ги моли и европарламентарецот Ги Ферхофен британските парламентарци, аман веќе, кажете што сакате!

Го гледам човекот, возбуден, уште малку солзи ќе му потечат, ама никако да сфати дека тие знаат што не сакаат, но ми се чини дека не знаат што сакаат. Односно сега, скоро три години по референдумот, секој сака различно. Односно двајца британски парламентарци имаат три различни мислења за тоа што сакаат. Во зависност од денот. Односно…

Ѓердани

Аман веќе, доста ми е од тој Брегзит, преку глава ми е, научив веќе кој каде седи во парламентот, знам кој што ќе каже уште пред уста да отвори, ова веќе станува мачно. Единствената позитивна страна овие месеци и недели и денови ми е (мене, приврзаникот на британскиот парламент, која за малку ќе нарачаше маичка „јас-срце- британски парламент) – гардеробата на Тереза Меј и нејзините ѓердани, кој од кој поубав и, како што наближуваат поважните гласања, кој од кој помасивен.

Имам среќа да познавам некои од британскиот Форин офис, па во еден неврзан муабет неодамна, разгледувајќи ги балканско северно македонските состојби, пиејќи ретко кафе, ја начнавме важната тема на бижутеријата. Бев убедувана дека сето тоа е шупливо и лесно, се мисли на герданите, не на договорот за напуштање на Европската унија. За да не ѝ тежи. Се мисли на ѓерданите. За договорот, може да се заклучи како ѝ е по тоа што ја гледавме како во последните месеци старее пред наши очи.

Во неделата во која по втор пат парламентот, овој пат со уште поголемо мнозинство го одби договорот за излегување од Европската унија на премиерката Тереза Меј и со тесно мнозинство гласаше за не излегување без договор, па потоа пак за истото, се гласаше против одложување на Брегзит и ќе има уште гласање, земјата влегува во уште поголема криза. Во неделата во која европските медиуми сериозно се занимаваат со импликациите од хаосот во кој Британците ја турнаа сопствената земја, политичарите продолжуваат со политичките игри, парламентарците со нерешителноста, а премиерката Меј го изгуби својот глас – буквално, жената не можеше да зборува убедувајќи и преговарајќи. Или веќе нема што да каже.

Плус, фунтата паѓа, авионите на Боинг се забранети и тука, а парламентарците почнаа да се забораваат, па како да заборавија на бонтонот. Да, се обраќаат со мојот високо почитуван пријател и џентлмен, но потоа почна да следува речник за кој претседавачот на парламентот, Џон Беркоу, вели дека може да се прифати кога пратениците биле млади, безгрижни и благо невоспитани, но не сега. Да се разбереме, не е „уличарски“, ама е, како да кажам, „сликовит“. Договорот е „го..о“, рече еден конзервативен пратеник и око не му трепна. Колумнистката на „Гардијан“ му порача дека требаше на времето, тоа „го..о“ да го стави како слика на автобусот со кој ја водеше кампањата за излез на земјата од Европската унија наместо постер со лого од јавното здравство и сума од 340 милиони фунти колку наводно ќе заштедела земјата годишно ако излезела од ЕУ, што се покажа како лага.

Страв од зевање

Ах таа политика. И во таква атмосфера, во која парламентот изгледа како да ја зема контролата над владата, што прават пратениците? Некои, велат, се испазариле за гласови со благороднички титули и држат дистанца да не ги праша некој нешто „незгодно“. Други се кријат по канцеларии и од таму ја следат работата на парламентот и се појавуваат само кога треба да се гласа. Се жалат дека новинарите толку им ги следат потезите сѐ што прават и како се однесуваат, што се плашеле дури и да зевнат за време на некоја сесија, веднаш ќе им направеле некое меме или ќе им осамнела незгодна слика на портал и ете потсмев и критики, а тоа тука се смета за сериозно и може да чини нечија кариера, (а не како во некои земји каде што чепкањето нос, на пример, за време на парламентарна седница се смета како дел од фолклорот).

Не знам што прават четвртите и петтите, ама третите пак, за да се релаксираат, навалија да се дружат со домашни миленичиња. Не риби или зајчиња, не мачки, (зашто премногу личеле на нив) ами – кучиња. Знам од сопствено искуство, никој нема да ти се израдува толку (освен мајка ми) колку кученцето кога доаѓаш дома, како да те нема видено цела вечност, а од сабајле се немате видено. Па Брегзит отиде по кучиња. Коко е на заменик претседавачот на Ториевците, претседателот на северноирските унионисти кој има иницијатива на тврд политичар зема пудлица за која вели дека му го топи срцето, пратеничката Луси Алан отворено призна дека земала кученце како „противтежа на Брегзит“.

Па и претседателот на Советот на Европската Унија, Доналд Туск, се сликаше како го гушка својот голем англиски кокер шпаниел. „Мојот англиски пријател“, напиша Туск под сликата. Го прегледувам неделава европскиот печат да видам кој што вели за Брегзитот и гласањата во парламентот. Ако се следат реакциите на јавните гласила низ земјите на Европската унија, Британците моментално не се најомилени. Односно воопшто не се омилени. Рака на срце, и порано не беа нешто на врвот на листата на популарност – важеа како некои кои постојано се жалат и сѐ нешто не им чини, ама сега, велат, претерале и „ниту се тераат ниту се водат“. Како што сега стојат работите и тука и таму и според расположнието и тука и таму, Туск нека си го гушка кучето, тоа се чини подолго време ќе му биде единствениот англиски пријател.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...