Мицкоски: Мафијашки го приведоа Чавков

442

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски реагира на приведувањето на поранешниот директор на БЈБ Митко Чавков. Тој во гостување на вестите на телевизијата Сител повтори и дека за ВМРО-ДПМНЕ не е прифатливо  СЈО да го предводи тимот на Катица Јанева.

– Тоа е осветољубие. Сведоци сме на овој мафијашки пристап, каде се се апси и приведува, со тврдење дека Чавков се подготвувал да избега во викендицата – реагираше Мицкоски.

За средбата со премиерот Зоран Заев тој вели:

– На средбата со Заев побарав да разговараме за иднината на Македонија. Како да обезбедиме услови за фер избори, додека пак вториот дел беше посветен на реформски закони. Сметам дека тимот на Катица Јанева го изгуби професионалниот и човечкиот кредибилитет. Бевме сведоци на мафијашки работи, со цел да се затскрие трагата – додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што истакна тој, стравува од можноста Македонија да не добие воопшто датум за преговори за евроинтеграциите.

– Политичките партии очекувам да се спротивстават со аргументи на тоа како ја гледаат иднината на Македонија. Ние сме крајно разочарани, затоа што Македонија може да не добие датум за преговори, што ќе значи уште еден пораз за оваа Влада. Македонија не се движи во вистинска насока – порача Мицкоски.

Што се однесува до претседателските избори, кои ќе се одржат на 21 април, истакна дека не помислуваат на пораз.

– Ние не размислуваме за пораз, затоа што имаме кандидат кој гарантира поддршка од граѓаните. Онаа негација е навистина импозантна. Се поставува и прашањето – зошто да размислуваме за бојкот?. Ова е натпревар, каде треба да спротивставиме политички платформи. Важна е иднината на граѓаните на Македонија – вели Мицкоски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...