Одбојка и фудбал на песок и скејт-парк во новиот адреналински парк во Карпош

245

Општина Карпош денеска организираше презентација и јавна расправа за план за изградба на „Спортско адреналинскиот парк – Карпош“. На средбата присуствуваа претставници од граѓанскиот сектор, бизнис секторот и локалната самоуправа кои се активни и работат во областа на одржливиот развој и животната средина, како и заинтересирани граѓани од Општината.

Станува збор за проект финансиран од Европската Унија, а имплементатор е Светската банка и Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, како дел од проектот за локална и регионална конкурентност. Поточно, ЕУ покрива 87отсто од вкупната вредност за реализација на проектот, или 47.238.993 денари, а Општина Карпош од својот буџет ги обезбеди останатите финансиски средства, односно 7.342.832 денари.

Изградбата на адреналинскиот парк, кој ќе се протега на вкупна површина од 6.500 квадратни метри, се очекува да започне во мај годинава.

„Притоа, ќе биде реконструирано детското игралиште на површина од 480 квадратни метри, скејт-паркот на 1.100 квадратни метри, ќе биде изградено ново игралиште за одбојка и фудбал на песок, а атрактивниот адреналински парк за возрасни и деца ќе биде изграден на три нивоа, кој ќе се позиционира на површина од 1.600 квадратни метри“ соопштија од Општината.

Предвидено е просторот дополнително да биде облагороден со хортикултурно уредување, каде ќе бидат засадени повеќе од 100 дрвја. Ќе биде поставена и нова урбана опрема, клупи, корпи за отпадоци и лежалки за релаксација. Планирано е да се изгради и плато за одмор со мини сквер, а во околината ќе се постават тоалети и четири дрвени куќички за продажба на безалкохолни пијалоци. Просторот ќе го осветлуваат енергетско ефикасни ЛЕД- светилки со соларни панели.

По презентацијата се разви активна дискусија со присутните кои поставуваа прашања за одржливост на адреналинскиот парк и за техничките детали на проектот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...