МРСА е опасна за бебиња и лица со намален имунитет

Ако рацете не се мијат често во текот на денот, може со самото поздравување, чепкање и дување нос да се пренесе и тоа освен оваа бактерија, и одредени количини други бактерии и вируси, нагласи д-р Караџовски.

2141

Денеска не се пријавени нови инфицирани или заболени лица со бактеријата МРСА, изјави д-р Жарко Караџовски, епидемиолог во Институот за јавно здравје по четирите случаи заразени со оваа бактерија (метил резистентен стафилокок) кои биле регистрирани деновиве кај две деца во градинка и училиште и две воспитувачки во Чаир.

Тој потврди дека бактеријата МРСА може да биде опасна за бебиња, ако се јави и инфекција на кожата која тешко се лекува, но и за постари и лица кои имаат други заболувања и оние со намален имунитет. Затоа веднаш треба да се изолираат оние кај кои е откриен овој микроорганизам. Откако ќе се најде во носот и грлото, МРСА може да предизвика и бронхитис и воспаление на бели дробови кои потешко се лекуваат.

Д-р Караџовски денеска нагласи да не се крева паника во јавноста поради овие неколку случаи.

– Изразот смртоносна бактерија не ми се допаѓа, не се работи за тешко смртоносно заболување, се работи за инфекција. Оваа бактерија многу често ја има во последно време, а за да стане смртоносна треба да се создадат услови, како кај лица со намален имунитет, заболени од тешки заболувања и со претходни болести. Негата на лице што е заразено со МРСА бара посебен третман, изолација од колективот во здравствени установи, а ако е дома, лицето кое има МРСА не смее да е во контакт со други членови од семејството, особено со бебињата. Истите лица кои вчера беа „тешко болни“ денеска функционираат без проблем – појаснува д-р Караџовски.

Лекувањето на инфекцијата со оваа бактерија трае 7 до 10 дена, а по негативен микробиолошки резултат, лицето може да продолжи да оди на работа, а децата на училиште или во градинка.

– Специфично за оваа бактерија МРСА е што тешко се искоренува бидејќи е нечувствителна на повеќе антибиотици, а реагира на ванкомицин. Таа може да се јави како инфекција на кожата, со воспаление и чирчиња на рацете кои потешко се лекуваат. Опасно би било да се добие МРСА кај штотуку родени бебиња заради фактот дека имаат многу чувствителна кожа и ако имаат кожни промени може да дојде до тешко воспаление на кожата.  Кога ќе се изолира во голема количина во грлото и носот, може да предизвика и бронхитис и воспаление на бели дробови кои потешко се лекуваат. Кај многумина стафилококот може да се најде во носот, ждрелото, па при чепкање на носот, или исекнување, кашлање триење, со рацете на површината, може да се пренесе бактеријата.

– Ако рацете не се мијат често во текот на денот, може со самото поздравување, чепкање и дување нос да се пренесе и тоа освен оваа бактерија, и одредени количини други бактерии и вируси. Основата на се е недоволната хигиена. Ако се открие бактеријата во болнички установи, тогаш се констатира дека условите на механичко чистење, дезинфекција и стерилизација на околината во која живеат и работат пациентите и персоналот, не е на задоволително ниво – истакна епидемиологот Караџовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...