Романија го ратификуваше Протоколот за пристапување во НАТО

137

Парламентот на Романија денеска на пленарна седница го ратификува Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

На ратификацијата во Букурешт присуствуваше и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој имаше обраќање пред романските пратеници.

– Романија денеска уште еднаш ја демонстрираше својата посветеност, пријателство и поддршка кон Република Северна Македонија за остварување на нејзината евроатлантска определба, овозможувајќи една кохерентност и заедничка иднина. Дозволете искрено да се заблагодарам од мое лично име, од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од име на нашите граѓани, чест ни е што сте наши вистински пријатели и партнери – рече Џафери.

Романија е седма земја членка на НАТО што го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Прва тоа го стори Грција, а по неа и Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска и Црна Гора.

Утре Протоколот треба да биде ратификуван и во Сејмот на Литванија. Како што е најавено, Џафери од Букурешт заминува за Вилнус каде што ќе има обраќање пред пратениците во литванскиот Парламент.

Земјите-членки на НАТО на 6. февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји-членки на Алијансата, Северна Македонија и официјално ќе стане полноправна членка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...