По спроведени контролни брисеви на вработените не постои простор за паника во врска со откриените случаи на инфекција со бактеријата МРСА во основното училиште во Бутел и во градинката во Чаир, соопшти денеска на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
– Сакаме да потенцираме дека апсолутно не постои никаков простор за паника. Станува збор за бактерија од групата стафилококни бактерии. Според направените анализи од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и од резултатите од Центарот за јавно здравје, овој вид бактерија се лекува со редовни лекарства и со обична антибактериска маст. Истовремено од страна на ДСЗИ веќе се преземени сите неопходни мерки и во училиштето и во градинката, спроведена е дезинфекција, механичко чистење на просториите и сите други мерки кои ги наложува протоколот при појава на каква било бактерија. Не постои потреба за затворање ниту на училиштето, ниту на градинката – рече Бошњаковски.
Тој потсети дека во училиштето во Бутел единствениот случај на МРСА е регистриран на 22 февруари, а сите останати брисеви од ова училиште биле негативни, додека во градинката во Чаир оваа бактерија била утврдена кај три деца на возраст меѓу пет и шест години. Биле земени превентивно брисеви од 36 деца, две воспитувачки и една хигиеничарка и сите се покажале негативни. Децата заразени со оваа бактерија се на домашно лекување.