Во судница се разгледуваат понудите за автопатите и пресметките од Кинезите

529

Со изведување материјални докази во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за случајот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство за постапката за избор на компанија за изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

Се гледаат понуди за двата автопата и пресметки од кинески компании, како и дописи меѓу Министерството за финансии и кинеската Експорт-Импорт банка и амбасадата на Кина пред потпишување на договорите, но и договори за кредитите и за изведување на градежните работи на делниците.

Случајот го води судијата Горан Бошевски, а застапник на обвинението е Лиле Стефановска.

Обвинителката Стефановска при изведување на доказите посочи дека тие покажуваат како нашата влада во мај 2012 година била во контакт и со трета кинеска компанија.

Случајот „Траекторија“  се наоѓа во доказна постапка и во него обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски на кого му се суди во отсуство, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс директорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...