На штикли не се оди во планина

Нешто што е во мода кај младите, а Митриновски не го препорачува за на планина, се звучниците за слушање музика - да ја слушнеме природата, препорачува тој.

1070

На штикли не се оди во планина. Вака велат искусните планинари кои го поздравуваат сѐ поголемиот интерес за уживање во природа, но напоменуваат дека природата може да биде сурова доколку не играме по нејзините правила на нејзин терен. За жал, сѐ уште има такви кои не ги разбираат правилата во љубовта кон природните убавини.

Секој спорт си бара посебна грижа и посветеност, па така и планинарството. Многумина доаѓаат на планинарска акција неподготвени сметајќи дека овој спорт е лесен и дека не бара никаква опрема, ами само желба за пешачење. Но, не е така. На планина се оди подготвен за секакви временски услови, како и со доволно храна, вода и соодветна облека и обувки за да не се случи, на пример, некој да отиде во патики на терен покриен со снег за кој се потребни чизми кои не пропуштаат вода.

Искусниот планинар Марјан Митриновски од Пехчево вели дека има љубители на овој спорт кои доаѓаат неспремни поради различни причини. За да се заштитат од непријатни ситуации кои може да им ја одземат желбата за планинарење, потребно е сите што ќе тргнат на планина да знаат неколку работи.

– Во планина чевлите се многу важни. Неопходно е тие да бидат над глуждот и препорачливо е да се кожени. Со тоа сте заштитени и во случај да ве касне змија. Јас никогаш не сум обрнал толку внимание на пантолони, маици и палто, колку што се грижам за чизмите. Не е важна цената, важна е заштитата на нозете и што повеќе да уживате во планинарењето. Често и обичен шушкавец, на пример, може да ве заштити од ветрот во планина. Има и специјална облека, но за повеќето луѓе е скапа – вели за Плусинфо дипломираниот шумарски инженер и активен планинар 24 години.

Сите што се подготвуваат за планинарење треба прво добро да се информираат за времето што ги очекува.

– Обично настани се креираат на Фејсбук, таму ги има информациите детално и сите граѓани треба да го прочитаат описот со внимание. Кога одам на некоја непозната патека надвор од Македонија, се јавувам кај организаторот и прашувам сѐ што ме интересира. За тоа дали има стрмни терени, на колку растојание има вода и слично – вели Митриновски.

Како што нагласува тој, времето во планина не може секогаш да се процени точно.

– Иако методологијата ни е добра сега, се случува да бидеме изненадени и накиснати. Се случувало и да има силен ветер, снег, дожд, невреме, громови и снежни и камени лавини – додава тој.

Треба да се носат два до три литри вода во секој период од годината. Летно време дури и повеќе. Водата е тешка за носење, но многу е потребна.

– Не се препорачува да се јаде тешко сварлива храна пред почеток на планинарската акција. Пржена храна и месо исто така треба да се избегнува. Во мојот ранец секогаш има прва помош, јаже, како и алкохол, но не за пиење – вели Митриновски.

Не е препорачливо сам да се оди на планина, иако и тоа може да се случи. Треба да се познава добро теренот, како и патеката по која се планира да се оди, a човек мора да има и добра ориентација во просторот.

– Планината не смее да се потцени. Најдобро е да викнете некого со вас кој добро го познава теренот. Барем еден човек како придружба. Сам во планина не е препорачливо ни за искусни планинари, а камоли за почетници. Едно мало невнимание може да смени сѐ. На пример, може да се случи да го повредите глуждот, па да не можете да си дојдете дома – советува искусниот планинар.

Нешто што е во мода кај младите, а Митриновски не го препорачува за на планина, се звучниците за слушање музика.

– Не препорачувам звучници со музика која ечи во планина. Млади носат со себе, но јас не сметам дека тоа е во ред. Треба да се ужива во природата со сите сетила. Јас имам звучник, но го употребувам само при забава во планинарските домови. Во природата е дозволено шеги, зборување, заборавање на проблемите, но не и да се пушта музика. Треба да ја чуеме природата што таа има да ни каже – препорачува Митриновски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...