Работната група на СДСМ ќе ја предводи министерката за правда Рената Дескоска, а сѐ уште се чека на ВМРО-ДПМНЕ да номинира членови.
Алијансата за Албанците нема да даде поддршка, бидејќи според нив, сето ова е политичка игра, а незадоволна од работата на СЈО е и Беса. Неизвесна е и поддршката на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, како и на ДПА.
Според вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи лажна е веста дека ДУИ инсистирало за смена на тимот на СЈО.
Османи истакна дека ДУИ ќе продолжи со поддршка за да се обезбеди мнозинство и да се усвои новиот закон за јавно обвинителство, во кое е инкорпорирано СЈО, бидејќи, како што рече вчера, ќе биде важна одредница за проценка на успешноста на реформската агенда.
Мицкоски на средбата со Заев побарал да се прошири опфатот на делата кои ќе ги гони Специјалното јавно обвинителство.
– Разговаравме за законот за јавно обвинителство, предлог текстот го добивме во четврток така што немавме многу време да се посветиме на супстанцата на самиот закон. За нас значајно како политичка партија е тоа што овој специјален јавен обвинител го загуби комплетниот и личен и професионален кредибилитет за да ја добие нашата поддршка во иднина. Принципиелно интегрирање на СЈО како дел од Јавното обвоинителство можеме да го отвориме како тема и да го дискутираме бидејќи е дел од сетот реформски закони – рече Мицкоски.
Премиерот Заев вели дека според законот, мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева трае до март 2020 година и дека очекува конструктивност и поддршка од најголемата опозициска партија.
– Нашите ставови се јасни, ова Специјално јавно обвинителство треба да се вгради во јавно – обвинителскиот систем на Република Северна Македонија, каде што треба да му се даде шанса на овој капацит кој е создаден во државата да продолжи на чело со Катица Јанева и целиот тим, не само обвинители, туку и извршители – изјави Заев.
Законот за јавно обвинитилство за кој е потребно двотретинско мнозинство, би било добро да биде донесен пред изборите заедно со останатите реформски закони кои се услов од Европската Унија за добивање датум за преговори.
Министерката за правда Дескоска неодамна изјави дека донесувањето на законот за јавното обвинителство ќе биде еден од клучните моменти кои ќе бидат пресудни во одлуката за отворање преговори, имајќи ги предвид препораките од меѓународната заедница, особено од Европската Унија.