Само да ги информирам нашите драги политички клерикалци, дека љубење икона или рака на поп повеќе не е фазонот, Трамп во Алабама потпишувал библии.
Потпишувал како да станува збор за безбол топчиња, а притоа на следбениците, негови и на бога, тоа воопшто да не им смета.
Не ги разбирам верниците најчесто. Како едно црквиче што изградија во Кисела Вода и ене го, 5 години си чмае ко урбана опрема. Дури и некој ја исквернави со наводно пентаграми и сатанистички симболи, се пишуваше за дело на некаква си секта?! Мене сѐ тоа ми личеше на неинвентивни шкрабаници на некоја дечурлана.
Како и да е, дури за еден безбожник ко мене и тоа е навреда, на еден симбол, кој не го следам ама го почитувам, како ли пак е за верниците се прашувам. Во Македонија со сета таа дрска манифестација на религиозноста, со црквичиња на секој агол, со ктитори и икони на бизнисмени, не знаеш кој е понавреден или изпразнет од чувството на светост, верникот или неверникот.
Ама има верници и верници. Јас ги прегрнувам ѕвездите, и живеам со почит кон животот и смртта. Има и најрадикални верници и љубачи на икони, најчесто политичари, чија продуховеност треба да ја бараме со пинцета.
Зашто од сета хипокризија што моќта и политиката ја создаваат, постојаното манифестирање верба во бога, е можеби најтупата форма што постои.
Не за друго, туку колку самите се лажат од опиеноста од сопствената моќ, па да се стават веднаш втори во редот или изедначени со димензијата на светото.
Ова важи и за рачињата кои се крстат во автобус кај Соборна, или пак за тажните главчиња со очињата нагоре додека го бацуваат крстот на ланчето.
(ФБ статус на авторот)