Клиничката болница Тетово пријавила во тетовската полиција дека биле донесени Ф.В.(26) и А.Х.(22), двајцата од село Вејце, тетовско, повредени од пиштол.Настанот се случил вчера во 23 часот во флиперница во село Вејце, кога осомничениот заедно со двајца пријатели – сега оштетени играл столен фудбал.
Двајцата биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
– Полицијата извршила увид во објект за видео игри во село Вејце, сопственост на Ф.Х.(42), при што била пронајдена чаура со калибар 9 мм и траги од крв. Во 23.40 часот во Полициската станица Тетово дошол Н.Х.(25) од село Вејце, полициски службеник кој не бил на работа, кој изјавил дека со неговиот пиштол ги повредил А.Х. и Ф.В.. Н.Х. е задржан во полициска станица и за случајот е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и полициски стандарди. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, соопшти МВР.
Од Обвинителството информираат дека осомничениот го извадил пиштолот од појасот за да не му падне и сакал да го префрли на другата страна. Во тој момент бил испукан еден куршум во правец кон двајцата оштетени. Со куршумот бил погоден еден од оштетените во вратот, а потоа и лицето кое стоело зад него во пределот на градниот кош.
– Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против осомниченото лице поради основано сомнение дека сторил две кривични дела и тоа – тешки дела против општата сигурност од член 292 став 3 во врска со член 288 став 4 во врска со став 1 и предизвикување општа опасност од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Истовремено по предлог на надлежниот обвините, Основниот суд Тетово на осомниченото лице му изрече мерка притвор во времетраење од 8 дена.