Во интерес на индустрискиот развој на Македонија, без кој нема напредок, но и во интерес на расчистување на недоумиците околу последиците на проектот „Казандол“ врз животната средина, после долгата офанзива на граѓанските здруженија против изградбата на овој рудник, Плусинфо ѝ даде шанса на засегната страна да ја изложи својата „одбрана“.
Со оглед на фактот што инвеститорот, компанијата „Сардич“, настапи со силни аргументи во прилог на тврдењето дека рудникот нема да ја загрози животната средина и дека се работи за најсовремена технологија и за строго почитување на еколошките стандарди, се обидовме да испровоцираме поширока јавна дебата, во која главен збор, сепак, требаше да имаат кредибилни експерти, луѓе од науката.
Наместо тоа, нашиот апел наиде на игнорирање, Владата се откажа од битката за „еколошка одбрана“ од „монструмот“ Казандол и најави еднострано раскинување на договорот за концесија. Претпоставувам дека постојат релевантни околности поради кои Владата сега го турка овој план, наспроти укажувањата на инвеститорот дека тоа би значело меѓународна арбитража со прилично неизвесен исход за Македонија.
Науката, како и да е, ќе мора да го каже својот збор. Овој пат тоа веројатно ќе биде правната наука. За случајот „Казандол“ веројатно нема да суди и пресудува „општински двојка“, туку меѓународна арбитража, која ќе мора да ги има предвид сите правно-релевантни аргументи.
Да потсетам – Македонија има лошо искуство со судења по странски судови. Да не го заборавиме случајот „Окта“ и настанатите штети. Да се потсетиме и на лошите почетни искуства со ТАВ, кои сепак се решија со договор. Токму затоа, јас сепак верувам дека Зоран Заев, како одговорен премиер, во време кога Македонија се бори за секое евро домашни и странски инвестиции, внимателно ќе ги проучи аргументите на потенцијалниот противник во арбитражната постапка и лично ќе влијае да се донесе мудра и квалитетна, а не популистичка одлука.
За да биде така, Плусинфо ќе се обиде што поскоро, пред владината седница на која треба да падне конечната одлука за проектот „Казандол’, од инвеститорот да побара детално образложение на нивните правни аргументи. Од компанијата „Сардич“ побаравме да ги отворат своите „карти“ и да ја изложат својата „правна одбрана“, на ист начин на кој одговорија и на критиките дека рудникот ќе ја затруе половина Македонија.
Нека се слушне и другата страна. Јавно. Така Владата ќе одлучува поодговорно, поквалитетно и да се надеваме, во полза, а не на штета на граѓаните.