Владата допрва ќе решава дали ќе инвестира во нуклеарката „Белене“

Македонија направи обид да се приклучи кон изградбата на нуклерката Белене уште во 2013 година кој пропадна, поради одлуката на Бугарија да запре со изградба на централата. 

502

Владата има рок до три месеци да одлучи дали и на каков начин ќе се вклучи во изградбата на бугарската нуклеарна централа „Белене“ откакао бугарската националната енергетска компанија вчера соопшти дека бара стратешки инвеститор и малцински сопственици на компанијата која ќе управува со нуклеарката.

Од владата велат дека прво ќе ги разгледаат можностите, па потоа ќе одлучат што ќе прават.

– Владата ќе ја разгледа можноста и критериумите кои ги дава во повикот за инвеститорите во нуклеарната централа „Белене“ Бугарија, по што ќе заземеме стратешки став за идните чекори – информираат од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Бугарската националната енергетска компанија вчера соопшти дека бара понуди за стратешки инвеститор за изградба на нуклеарната централа „Белене”.

Покрај стратешки инвеститор, како што е соопштено, се дава можност и за поднесување на интерес за стекнување на малцински учество во идната компанија, како и можност само за купување на електрична енергија од идната електрана.

Рокот за прием на барања за учество е 90 дена од денот на објавување на повикот во Службениот весник на Европската унија.

Предвидено е изградбата на централата да се реализира на пазарен принцип, без склучување долгорочни договори за откуп на електрична енергија од државата и обезбедување на државни гаранции.

Македонија направи обид да се приклучи кон изградбата на нуклерката Белене уште во 2013 година кој пропадна, поради одлуката на Бугарија да запре со изградба на централата.

Приказната за „Белене“ датира од 1981 година. Од 2013 година процесот е запрен поради несогласување меѓу Бугарија и Русија во врска со конечната цена. Недоразбирањето стигна и до Меѓународниот суд за арбитража во Париз. Сега повторно се активира идејата за продолжување на изградбата на нуклеарката.

Бугарија, според однредени податоци, потрошила меѓу 2 и 3 милијарди евра за одржување на „Белене“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...