Најскапиот фудбалер во историјата, Нејмар негираше дека има покренато процес против него од шпанските даночни власти во врска со неговиот приход во последните месеци од неговиот престој во Барселона.
Вчера, шпански изданија излегоа со веста дека даночните власти го истражуваат Бразилецот дали ги уплатил парите кои ги должи, по трансферот во ПСЖ, како и оние кои се однесуваат на специјален бонус од каталонскиот клуб.
Во специјално коминике, компанијата која се грижи за правата на фудбалерот одговори во негово име дека сè околу неговото даночно досие е чисто и платено. Навистина, тој е вклучен во судски процес, но тој е против неговиот поранешен клуб и се однесува на премијата за која станува збор.
– Нема никакви истраги, отворени од шпанските даночни власти во врска со Нејмар. Има всушност барање од нив, за да им биде пратено мислење од случајот, што се води од страна на фудбалерот против Барселона, а кој се однесува на неисплатената од клубот премија. Рочиштето за тоа дело е закажано на 21 март, и ова е единствената судска битка во која тој е вмешан. Компанијата која се грижи за имиџ правата на Нејмар, категорично сака да објави дека тој ги платил сите достасани од него суми кон касата во Шпанија за 2017 година до завршувањето на фискалната 2018 година. Се надеваме дека со тоа го разјаснивме случајот – пишува во својата реакција компанијата „НР Спортс“, која се грижи за сè што е надвор од фудбалот околу Нејмар.
ФОТО: EPA / IAN LANGSDON