Далеку сме од договор за влегување во Владата на нови коалиционери, вели премиерот Зоран Заев, појаснувајќи дека идејата за зголемување на мнозинството потекнува од повеќе причини. Едната е да се овозможи пратениците да поминуваат повеќе време со своите гласачи.
– Втората е зашто следуваат сериозно крупни одлуки околу реформските процеси, а се надевам дека понатаму ќе следува и решение за проблемот кој Грција го има со нашето име. Знам дека ќе паѓаат и сериозно економски одлуки – рече Заев.
Тој посочи и дека истрагата на СЈО за Али Ахмети во случајот со пропаднатиот попис во 2011 година не влијае на нивната коалиција бидејќи извршната и судската власт немаат никаква поврзаност.
– Правосудството нема врска со извршната власт. Очекувам предмети против секој за кој има индиции дека правел нешто. Органите на прогонот треба да бидат насочени против секого, а пред сѐ против оние кои се во власта – порача Заев.
Премиерот зборуваше и за опозицијата односно за пратениците кои со одлука на Врховен објавена попладнево ќе излезат од притвор. Од новинарите дозна за одлуката на врховните судии, но повтори дека не се согласува со општество каде притворот претставува казна.