Здружението за заштита на жртвите од правосудството „Вероника Вере“ денеска одржа протести против корупцијата во хрватската Влада, при што учесниците носеа ковчези за да предупредат на „смртта на правдата и правосудството“.
Протестот почна пред Палатата на правдата, односно Општинскиот граѓански суд во Загреб, а маршрутата ја продолжија до Уставниот суд.
– Низ градот го носиме ковчегот со мртвата правда во Република Хрватска – порача Здружението „Вероника Вере“.
Портпаролката на Здружението, Тихана Томас изјави дека „ковчезите го симболизираат погребот на правдата, бидејќи системот не функционира“.
– Сите мораме да се избориме за тоа системот да падне и конечно да функционираме според законот – истакна Томас.
ФОТО: МИА