Разликата меѓу наталитетот и морталитетот, што го одредува природниот прираст на населението, од година во година се намалува во Албанија, што доведува до констатација дека бројот на смртни случаи многу набрзо ќе биде поголем од бројот на новордените.
– Во текот на 2018 година се родени 28.934 бебиња, што претставува пад од 6,3 отсто во споредба со претходната година. Првпат бројот на новороденчињата е под 30.000. Бројот на смртни случаи во 2018 година изнесува 21.804, со пад од 1,9 отсто во однос на претходната година. Природниот прираст е влошен бидејќи падот на стапката на наталитет е повисока од падот на стапката на смртните случаи – соопшти Институтот за статистика на Албанија.
Според Институтот, во текот на 2018 година природниот прираст бил 7.130 лица, што е на најниско ниво од 1948 година.
Во 1990 година, првата година од транзицијата, биле родени околу 64.000 бебиња или во просек месечно по околу 5.300. Но, 28 години подоцна, овој показател е за деветпати понизок, односно во просек се раѓаат само 594 бебиња месечно.
Во Албанија се намалува и бројот на бракови и тој во 2017 година бил помал за 11 отсто споредено со 2010 година. Но, многу од браковите се меѓу лица, кои по склучувањето на бракот во Албанија ја напуштаат земјата.
Од друга страна, фертилитетот, кој во 1960 година изнесувал 6,8 раѓања на жена, паднал на 1,48 раѓања на жена во 2017 година, што е пониско ниво од просекот на фертилитетот на ЕУ за 2016 година, кога изнесувал 1,6.
Демографите оценуваат дека намалувањето на бројот на раѓања е опасен елемент за падот на бројот на населението, кој и понатаму ќе се намалува поради миграцијата на младите.