Младите во земјава имаат желба критички да размислуваат и сами се определуваат како индивидуи кои сакаат критички да размислуваат, но способноста за критичко размислување не е толку голема колку што тие мислат. Повеќе од две третини би разговарале за општествен проблем, покажуваат наодите од првиот циклус на истражувањето, спроведено од Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис и Евротинк – Центар за европски стратегии преку проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, финансиран од Европската Унија.
Како што истакна Александар Стојановски, постар истражувач во Евротинк, во првата година од тригодишниот проект целна група им биле младите во Македонија, а теренското истражување било спроведено од декември 2018 година до февруари 2019 година врз 301 испитаник од УКИМ, УКЛО и Универзитетот на ЈИЕ од кои 49 отсто биле од машки, а 51 отсто од женски пол.
– Просечната возраст на испитаниците кои ги опфативме беше 19,5 години, а возраста им се движеше од 18 до 23 години. Во испитувањето се обидовме да ја утврдиме врската помеѓу способноста за критичко размислување и навиките за информирање, односно медиумската писменост кај младите. Утврдивме дека младите најмногу се информираат од интернетот и оти 38 проценти од информациите ги добиваат преку електронските верзии од медиумите, 32 проценти од социјалните медиуми каде предничат инстаграм и фејсбук, осум отсто од телевизиите, а еден отсто од печатените медиуми – рече Стојановски на денешната прес-конференција.
При испитувањето за потврда на дадените одговори на испитаниците, нагласи Стојановски, им беа дадени неколку логички тестови за да видиме колку критички размислуваат.
– Беше увидено дека само еден процент од испитаниците успеаја точно да одговорат на сите четири логички тестови, а два отсто на три од четирите. Тоа укажува дека желбата критички да размислуваат е голема, а способноста за критичко размислување не е баш така голема колку што излегува од нивниот став. Од испитаните 56 отсто не размислуваат најдобро кога се под притисок, а 74,4 отсто треба повеќе критички да размислуваат – рече Стојановски.
Тој посочи дека младите неделно просечно поминуваат 39 часа на интернет, 13 часа на телевизија и четири час слушајќи радио. Од испитаниците 22 отсто ја користат телевизијата за да гледаат информативни содржини, 20 отсто за едукативни содржини, 56 отсто за забавни содржини, а само еден отсто следат контактни емисии на телевизија. Само домашна телевизија гледаат четири отсто од испитаниците, само странска 10 отсто, 20 отсто од испитаниците гледаат и домашна и странска телевизија со доминантна застапеност на домашната, а кај 35 отсто кои гледаат и домашна и странска доминантна е странската телевизија.
– Младите најчесто се сомневаат во вистинитоста на веста доколку е напишана со лош правопис кога станува збор за пишана вест, или од начинот на споделување доколку е видео вест. Потоа следат изворот на веста, авторитетот на авторот, степенот на субјективност кај медиумот – посочи Стојановски и додаде дека 58 отсто од испитаниците би го провериле изворот на веста доколку постои линк до веста што ја цитира медиумот.