Припадниците на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) добиваат крајно потценувачки и недостоинствен доруеч. Јадат сув леб, мармалад и путер. На припадниците на најелитната специјална единица во Македонија им се сервира недостоинствена и нискокалорична храна, наведе координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Случајот со ЕБР пратеникот го наведе како една од причините поради кои треба да се гласа на собраниската седница за интерпелација на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Мицевски го обвини Спасовски за партизација на министерството, наведе дека поделил околу 1.000 решенија за промена на началници и функционери во МВР со кои партиски војници на СДСМ скокнале и по неколку чинови наместо да се следи кариерно унапредување.
Локалните избори, според координаторот од опозицијата, биле класичен пример за ставање во функција на полицијата во служба на кандидатите на власта.
Мицевски го обвини за нерасчистени убиства, мистериозни исчезнувања, а не го заборави ниту случајот со спречениот терористички напад од ИСИС.
– Имаме случаеви кога странски амбасади во нашата држава ги предупредуваат своите граѓани да не патуваат во Македонија, додека МВР не презема ништо за да ги предупреди своите граѓани или во најмала рака да објасни – рече Мицевски.
Тој упати обвинувања и за политички хајки со кои полицијата апси нивни функционери, прави упади во домови на обични членови.
Од ВМРО-ДПМНЕ го наведоа трошењето на пари потсетувајќи на фотелјите со телешка кожа кои беа набавени, како и набавка на возила за МВР која ја направи фирма од Куманово која е донатор на СДСМ.