Ѓилас наведува дека на Вучиќ му упатил отворено писмо, бидејќи српскиот претседател кажал дека со опозицијата нема за што да разговара и дека Србите ќе го дознаат планот за Косово само кога тој ќе им го каже на Албанците.
Тој оцени дека Вучиќ со својата политика го загрозува опстанокот на Србите и побара од него да одговори зошто преговорите во Брисел од технички се претворени во разговори за статусот на Косово и за српските граници.
„Како е можно некој во шесте години на преговори, по потпишувањето на Бриселскиот договор, да ги исполни сите точки како негови отстапки, а да не се исполни ниту една точка која е отстапка на барањата на спротивната страна? Кој во преговорите дава се – а не добива ништо“, прашува во писмото Ѓилас.
Тој го праша српскиот претседател зошто претставниците на Српската листа седат во косовската влада која воведува такси за Србија, предлага платформи и не го решава убиството на Оливер Ивановиќ.
„Од нивните гласови зависи владејачкото мнозинство на премиерот на Косово, Рамуш Харадинај. Зошто го држиш Харадинај на власт, Александре Вучиќу“, вели Ѓилас.
Тој го праша Вучиќ и зошто ги понижува граѓаните на Србија и шест години одбива да закаже седница на Собранието на Србија на темата за Косово.
„Дали српските граѓани не заслужуваат да го слушнат твојот план за кој тврдиш дека постои со години? Како е можно Косово да има платформа, да има овластени преговарачи од нивното собрание, да има цел лобирачки тим во Брисел, а ние да немаме ништо од тоа? Косово не е твое, Александре Вучиќу, не можеш да преговараш за него како да продаваш стан“, пишува Ѓилас.
Тој додава дека однапред знае дека Вучиќ нема да има одговор на кое било прашање што му го поставил и дека знае дека ќе повторува „лаги за предавниците и крадците“.
Според Ѓилас, до помирување не може да дојде од „оние кои директно ги окрвавија рацете од една страна и оние кои заговараа војна и злосторства од друга страна“.
„Секој кој има малку срам би поднел оставка или барем би се повлекол од преговорите … Ти, се разбира, тоа нема да го направиш. Брзаш, што е можно поскоро да го решиш Косово. Зошто е тоа така, ќе одговориш кога ќе дојде време за тоа. Не на мене и не сега“, заклучи Џилас во отвореното писмо до српскиот претседател Александар Вучиќ.