Премиерот и лидер на СДСМ денеска информираше дека утре во 20 часот во Владата на Република Северна Македонија ќе оствари средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Претстојните претседателски избори, реформските закони и се што е во интерес на државата, како што рече Заев, ќе бидат теми на утрешната средба.
На новинарско прашање за изјавата на Мицковски дека ќе бара лустрација на сите политичари, Заев одговори дека ќе почека утре да види кои се барањата.
– Ќе ги соопштам и нашите и сите заедно како одговорности на сите политичари и политички партии ќе разговараме. За деталите е преурането и не би ги коментирал – изјави Заев.
Прашан зошто на средбата не учествуваат и лидерите на главните албански партии, Заев потенцира дека за оваа средба нема потреба од формат на повеќе политички партии.
Мене ми е значајно, подвлече, да разговараме за престојните претседателски избори, за евроинтеграцискиот процес на нашата земја заради тоа што дури и НАТО не е завршено се уште.
– Да направиме се што можеме во јуни да го добиеме конечно датумот за отворање на преговорите со ЕУ. Тоа се важни работи – изјави Заев, додавајќи дека ќе разговара како премиер и претседател на најголемата политичка партија со шефот на опозицијата на тие теми, заради тоа што верува во заедничката одговорност пред историските одлуки што нашата земја треба да ги донесе.