Министерството за информатичко општество и администрација, го објави текстот на работната верзија на Предлог законот за висока раководна служба. Од денеска предлогот е достапен на Единствениот национален електронски регистар на прописи-ЕНЕР, каде во наредните најмалку 20 дена, сите заинтерсирани ќе имаат можност со свои коментари, забелешки и предлози да придонесат кон подобрување на текстот на Законот.
Со предлог законот се воспоставува комисија за високораководна служба, составена од одреден број членови, со признаени професионални заслуги, кредибилитет и личен интегритет. Високите раководители ќе се вработуваат преку систем на заслуги и процедури на јавен оглас, во отворен натпревар достапен за сите граѓани на Република Македонија со високо образование.
Од МИОА најавуваат дека секој висок раководител ќе се избира преку индивидуализирана процедура. Иницијативата за пополнување на позиција ВРС ќе ја има министерот, односно органот на власта кој е надлежен за управувањето и мониторирањето со услугата или телото во кое е предвидено раководното место. Иницијаторот ќе го даде описот на одговорностите и должностите на таа позиција.
„Со овој Закон се прави голем исчекор во насока на професионализација и департизација на јавната администрација. Тоа е едно од клучните барања на граѓаните, но и на Европската Унија. Целта на оваа реформа е поставување на јасни стандарди и критериуми, како и целосна транспарентност при изборот и разрешувањето на раководителите на институциите во Северна Македонија“, соопшти МИОА.
Ресорното Министерство укажува дека во постојното законодавство не постои јасно разграничување меѓу политичкото и професионалното ниво, односно не е јасно дефиниран и утврден опфатот за висока раководна служба.
„Северна Македонија е прва земја од регионот којашто преку нов закон се обврза да утврди јасни критериуми за избор на професионални раководни кадри. Ова е можеби еден од најважните чекори во процесот на професионализацијата на администрацијата, што е една од главните цели на процесот на реформа на јавната администрација. Тоа ќе се постигне преку зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности и правична застапеност. Со овој концепт, ќе се постигне професионализација на високите раководни позиции. Високата раководна служба ги опфаќа високите раководни позиции (директори и секретари) со јасни раководни одговорности. Нема да се однесува на највисоките политички функции (министри, заменици министри)“, информира Министерството за информатичко општество и администрација.
Законот е достапен на следниот линк: https://ener.gov.mk/
Во наредниот период МИОА ќе го претстави текстот на законот и на јавна расправа со сите засегнати страни.